Притворен жител од Лескоец кај кого биле пронајдени 17 куршуми
Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против Г.И. (29) од охридското село Лескоец. Него, одредена му е мерка притвор во траење до 30 дена.
При претрес, извршен во неговиот дом на осми овој месец, пронајдени се 16 куршуми наменети за испукување од автоматско оружје со калибар 7,62 милиметри и 1 куршум наменет за оружја со полуавтоматско и автоматско испукување со калибар 7,9 милиметри. Сега притворениот, куршумите ги чувал на различни места, а полициските службеници ги пронашле во фиоки, но и во саксии поставени на светларникот од скалите во семејниот дом.
Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.