Приведен дилер на хероин во Битола
Секторот за внатрешни работи Битола, до Основното Јавно обвинителство во Битола, поднесе кривична пријава против Б.Е. (55) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање на промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, казниво по член 215 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Б.Е. на почетокот на април 2018 година од непознато лице неовластено набавил наркотична дрога „хероин“ која ја препакувал во помали пакувања и неовластено им ја нудел на продажба на лица наркозависници на подрачјето на Битола.
На 04.04.2018 година со наредби од Основен суд Битола, од страна на полициски службеници биле извршени се претреси во домот и во местото каде што престојува пријавениот. При претресите биле пронајдени една најлонска кеса, во внатрешноста со повеќе мали кеси со различна големина спремни за пакување на наркотична дрога и едно поголемо пакување со наркотична дрога „хероин“ обвиткана со селотејп.
Пронајдениот материјал бил одземен и доставен на вештачењe, при што било утврдено дека одземениот материјал со маса од 243 грама претставува хероин. Од страна на судија на претходна постапка на Б.Е. му била одредена мерка притвор во траење од 30 дена.