25/11/2024
Македонија

Приведен дилер на марихуана

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство–Скопје против М.К.(26) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, предвидено и казниво по чл. 215 од Кривичниот законик на РМ.

Имено на 30.05.2018 година, по претходно добиени оперативни сознанија, а врз основа на наредба од Основен Суд Скопје 1 Скопје, извршен бил претрес во домот кај осомничениот при што пронајдени биле: една црна пластична тегла во која има: една поголема полиетиленска паковка со непозната растителна материја, шест помали полиетиленски паковки со непозната растителна материја; 33 растенија засадени во мали саксии; една полиетиленска кеса во која има девет поголеми пакувања со непозната растителна материја, како и неколку таблети розева боја во форма на срце, две дигитални ваги со остатоци од непозната материја; и други предмети.

Пронајдените предметите со потврда биле одземени од М.К. и по наредба од Јавен обвинител биле доставени на вештачење во ОКТИВ во МВР на РМ. Истовремено во консултација со Јавен обвинител, М.К. бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка.

По извршеното вештачење на пронајдениот и одземениот доказен материјал било утврдено дека растителниот материјал од пакувањата со вкупна нето маса од 552,16 грама претставува марихуана, 33-те растенија припаѓаат на растителниот род Канабис, активната компонента од седумте таблети претставува 3,4-метилен-диоксиметамфетамин (МДМА), а на површината на двете дигитални ваги се констатирани остатоци од марихуана.