Приведен разбојник од Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје, поднесе кривична пријава против лицето Д.М. (35) од Скопје, поради основи на сомнение дека извршил две кривични дела, едно “разбојништво“ предвидено и казниво по член 237 од КЗ на РМ и едно кривично дело – “тешка кражба“, предвидено и казниво по член 236 од КЗ на РМ, при што се стекнал со противправна имотна корист од околу 38.000 денари.
Првото кривично дело Д.М. го извршил на 01.01. годинава околу 01,30 часот на улица “23-ти Октомври“, пред влез од зграда. Имено, откако дошол до наведената адреса и се уверил дека освен оштетената нема никој друг во близина, најпрвин и пришол од позади грб и со употреба на физичка сила ја турнал во влезот на зградата. Потоа почнал да ја удира со тупаници во пределот на главата, по што оштетената паднала на подот, но Д.М. продолжил да ја удира со тупаници и и го земал ранецот кој оштетената го носела на грб. Во ранецот имало лични документи, еден мобилен телефон и еден пар слушалки.
Второто кривично дело – тешката кражба – ја извршил истиот ден, односно околу 02,15 часот на булеварот “АВНОЈ“. Пријавениот откако дошол до паркирано возило, најпрвин со погоден предмет (штрафцигер) го скршил лептир стаклото од задната десна страна и од задното седиште успеал да одземе една машка јакна, по што го напуштил местото.
По преземените мерки и активности Д.М. е лоциран и приведен во ПС-ОН Аеродром. При извршениот службен разговор тој во целост го појаснил начинот, времето и мотивот на извршување на кривичните дела.