Продолжува имплементацијата на проектот за поддршка на лицата со оштетен вид во земјата инициран од УСАИД и Лајонс Клуб
Министерот за образование и наука д-р Арбер Адеми, заедно со Н.Е. амбасадорот на САД г-дин Џес Бејли, министерот за здравство, Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска се обратија на тркалезна маса посветена на иницијативите на институциите на системот за преземање и продолжување на имплементацијата на проектот за поддршка на слепите лица во Република Северна Македонија.
Во делот на образовната компонента, истакна министерот Адеми, основани се пет ресурсни центри во Скопје, Тетово, Штип, Битола и Велес, каде децата со оштетен вид посетуваат дополнителна настава и се едуцираат преку материјали, односно учебници напишани на Брајово писмо.
Во овие центри реализирани се и обуки на повеќе од 200 наставници, едукатори за работа со овие деца. Исто така, од страна на Црвениот крст е основан и Центар за лица со оштетен вид каде се реализираат сертифицирани курсеви за ИТ вештини, за англиски јазик, работилници за вештини за ориентација и мобилност, за социјализација, изјави Адеми, напоменувајќи дека новата Стратегија за образование 2018 – 2025 предвидува значително подобрување на квалитетот на образованието на лицата со извесни посебни образовни потреби.
Во таа насока, додаде тој, целиме училиштата да прераснат во целосна инклузивна средина за сите ученици независно од физичките и психички специфичности, што подразбира подобрување на инфраструктурните услови во училиштата во насока да се овозможи прифаќање и непречено движење на овие ученици во внатрешноста на објектите, обуки за наставниот и стручниот кадар, набавка на асистивна технологија, формирање на инклузивни тимови, изработка на индивидуални образовни планови и така натаму.
Според амбасадорот Бејли, овие партнерства се одличен пример за здружување за поголем импакт.
– Пред пет години, УСАИД и Фондацијата Лајонс Клуб, ги здружија силите за да им помогнат на локалните институции и заедници за да ги детектираат и превенираат очните аномалии кај децата и да ги зголемат образовните можности за лицата со пречки во видот. Ова партнерство се зголеми и вклучи многу други организации и поединци од што многу граѓани на Северна Македонија имаа директна корист. Земете ја, на пример, Барбара Василевска. На 7-годишна возраст, на Барбара и беше дијагностицирана атрофија на очниот нерв. Нејзините родители се обратија во новоформираниот ресурсен центар во Битола за помош. Центарот и овозможи на Барбара специјална настава четири пати неделно со помош на специјален едукатор. За само неколку месеци, таа беше подготвена да се приклучи во основното училиште во Битола. Тоа е токму она што ние се надевавме да го постигнеме – вклучување на деца и возрасни со оштетен вид во редовните активности и секојдневниот живот, рече амбасадорот Бејли во своето обраќање.
– Унапредување на правата и овозможување подобри услови за лицата со попреченост, како што потенцираше министерката Царовска, останува приоритет на Министерството за труд и социјална политика.
– Со новиот Закон за социјална заштита кој е во собраниска процедура се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и домашна нега. Сите овие новини значително ќе ги зголемат правата на лицата со попреченост, ќе се зголеми обемот на услуги до коишто истите ќе имаат пристап, и ќе се вложат зголемени финансиски средства во индивидуалните услуги кои ќе овозможат независен и живот на лицата во нивното место на живеење и нивно поголемо социјално вклучување, додаде министерката за труд и социјална политика.
Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче истакна дека визуелниот систем е еден од најважните за правилен раст и развој на едно дете.
Доколку, рече тој, се утврдат одредени недоследности, најдобри резултати има кога навремено се санираат.
– Скринингот на 30.000 деца веќе даде конкретни информации за состојбата со видот кај децата во нашата земја. Министерството за здравство до крајот на годината ќе воведе Програма за ран скрининг на видот кај децата и ќе ги преземе сите мерки во рамки на организиран систем кој ќе понуди здрава иднина за здрави деца“, потенцираше министерот Филипче.