Проект за заштита и унапредување на природните и културните вредности на општина Вевчани
По повод одбележување на 5 јуни – Светскиот ден на животната средина, Еко-свест во соработка со општината Вевчани и планинарското здружение Церн Камен 2257 започнува проект за заштита и унапредување на природните и културните вредности на општина Вевчани.
Сакаме преку овој проект да постигнеме заштита на прекрасната природа во Вевчани со директно вклучување на локалното население. Проектот ќе се стреми да го издигне Вевчани како одржлива туристичка локација која на посетителите ќе им понуди традиционални производи и изработки од локалното население, меѓутоа ќе овозможи и бројни активности за запознавање и уживање во природните богатства на заштитеното подрачје Вевчански извори без уништување на неговите вредности.
Меѓу планираните активности се и подготовка на студија за биопотенцијалот на подачјето и идентификација на собирачите во Вевчани и нивните главни интереси по што ќе следи и обука за одржливо собирање и брендирање на производите. За туристите, планирано е подготовка на информативни мапи, нова веб страница за туристите, поставување информативни табли низ заштитеното подрачје и воспоставување на инфо центар во Општината. За да се обезбеди долготрајна заштита на подрачјето и соодветен менаџмент планирано е и обука и сертифицирање на ренџерска служба.
„Веруваме дека заштитеното подрачје Вевчански извори има огромен потенцијал да порасне во дестинација која на посетителите ќе им нуди еко- туризам, авантуристички туризам, меѓутоа и можност за заработка на локалното население преку одржливо користење на она што веќе природата во Вевчани го нуди“- вели Стојан Лешоски, координатор на проектот од Еко-свест.
„Сведоци сме на забрзана урбанизација и тотално несоодветно менаџирање на природните подрачја во земјата кои во себе чуваат скапоцен биодиверзитет. Како една од последните локации кои сеуште се недопрени ние имаме обврска да ги чуваме Вевчанските извори, планинските убавини по патот накај врвот Церн камен и целото заштитено подрачје за идните генерации“- изјави Наум Баткоски од планинарското здружение Церн Камен 2257 од Вевчани.
Проектот е финансиски поддржан од Програмата за заштита на природата на УНДП, со средства од Европската Комисија. Проектот започна на 1 мај 2018 и ќе трае до август 2019 година.