13/12/2024
Охрид

Проектот „A Bridge Connecting Two Lakes“ еден од 45-те избрани најдобри проекти, изработен од РЦСОО „Ванчо Питошески“ во соработка со „Училиште за економија и трговија“ Бор, Србија

Проектот „A BRIDGE CONNECTING TWO LAKES“, еден од 45-те избрани најдобри проекти беше изработен во соработка меѓу РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид и „УЧИЛИШТЕ ЗА ЕКОНОМИЈА И ТРГОВИЈА“ – БОР, Република Србија.

Во период од 24-30 ноември, 12 ученици  предводени од  координаторите на проектот психолог Даница Скрческа и наставник Сања Митаноска беа во посета на Бор, Република Србија.

„Деновите поминати во Бор беа исполнети со учење, соработка, дружење и пријателство.

Првиот ден започнавме со меѓусебно запознавање и работилници за Младински активизам, каде што споделувавме идеи и заеднички креиравме решение за позитивни промени во нашите заедница.

Вториот ден беше посветен на гастрономските  традиции на нашите краишта, со дегустација на јадења и размена на приказни кои ги придружуваат. Попладневните активности беа обележани со теми на националните малцинства во Бор, нагласувајќи ја важноста на меѓукултурниот дијалог и разбирање.

Третиот ден учениците ги истражуваа природните убавини и традиции на руралните области на Бор, а особено беше истакната улогата на туристичките техничари од училиштето од Бор кои  ги претставија локалитетите што ги посетивме.

Четвртиот ден учениците креираа и спроведоа анкета за меѓукултурен дијалог, анализираа фотографии во рамките на фото-игра и ги споделија своите впечатоци со локалните медиуми.

Петтиот ден на дружење меѓу учениците помина во анализа на резултатите од анкетата и се креираа планови за идна соработка преку on-line клуб „Мостови“ @club_bridges ,  кој беше создаден од учениците пред да се остварат средбите. 

Во знак на трајно сеќавање на ова искуство засадивме дрво на пријателство пред училиштето, а вечерта беше резервирана за вежбање на заедничка песна која заедно ја дизајниравме и за меѓусебно и убаво дружење.“ – вели Даница Скрческа.

Втората размена на учениците ќе биде во Охрид, на која ние ќе бидеме домаќини,  а ќе се одвива во период од 23 март-29 март 2025 година.


РЦСОО „Ванчо Питошески“ Охрид