05/12/2024
Охрид

Проф. д-р Павле Митрески е годинешен добитник на наградата „Патрон на градот – Св.Климент Охридски“

Проф.д-р Павле Митрески е годинешен добитник на највисокото општинско признание наградата  „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2024 година.  Стручната комисија за доделување општински награди и признанија во состав: Перчо Божиновски, претседател и членовите, проф.д-рТатјана Димоска, Славе Ѓорѓо Димоски, Горан Стојаноски и Горан Патчев, одлуката ја донесоа едногласно и го доставија предлогот до градоначалникот Кирил Пецаков.

Според Стручната комисија, биографијата на проф. д-р Павле Митрески се издвојува поради неговото големо високовредносно и величествено делување, темелно и темелито проучување на историјата, културата и традицијата на Охрид и Охридско.

– Проф.д-р Павле Митрески е неуморен раскажувач на минатото на Охрид и Охридско, неговата посветеност и заложба со пишани материјали и книги да се збогатуваат македонските библиотеки се од големо значење за нашиот Охрид, а преку претставувањето на охридските хроники кои денес постојат за Охрид како значајна историска лулка и центар на сите општествено политички и културни збиднувања, тој го афирмира Охрид во меѓународни рамки бидејќи од неговите книги учат најголемите промотори на Охрид и охридското културно наследство. Неговото име е длабоко врежано во современата македонска историографија. Неговото дело посветено на историјата на Македонија и македонскиот народ, со посебен акцент на Охридско – струшкиот регион, заземаат сосема заслужено и значајно место.

Ако се знае дека тој и припаѓа на втората генерација македонски историчари научници, тогаш со право можеме да истакнеме дека Митревски доследно и темелно се потпира и инспирира од делата на првата генерација македонски научници  – историчари на чело со академик Љубен Лапе, потоа академик Александар– Цанко Христов, Данило Заграфски, Методија Соколовски и други, кои заслужено и одговорно ги удрија (за првпат) темелите на современата слободна македонска историска научна мисла.

Неговото творечко кредо, поточно неговото трајно вјерују засекогаш остана забележано дека само со сочуваните (а толку многу уништувани документи низ вековите за Македонија и за македонскиот народ) може да се проникне во суштината, поточно во срцевината на историската вистина што патувала и патува низ времето.

Павле Митревски ја збогати македонската историографија со над петнаесетина наслови на свои книги, но кога кон нив ќе се додаде и податокот дека тој напиша и објави во списанија и зборници уште стотина научно-стручни прилози од историјата на Охридско-струшкиот регион, тогаш целосно се комплетира неговото дело и правилото дека зад човекот останува само напишаното, односно оттргнатото од заборавот на времето, пишува во решението за доделување на наградата од градоначалникот Кирил Пецаков.

Највисокото општинско признание наградата  „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2024 година ќе биде врачена на Свечената академија која ќе се одржи на 7-ми декември во Центарот за култура „Григор Прличев“.


WebOhrid / 04.12.2024 / Општина Охрид