Програмата за работа на ОСБСП Охрид доставена до Локалната самоуправа
Со оглед дека четири годишниот мандат на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на град Охрид во овој состав, завршува во април 2019 година, до Локалната самоуправа доставена е програма за работа на ОСБСП Охрид за периодот јануари-април 2019 година.
Програмата предвидува реализација на повеќе кампањи насочени кон сите целни групи со посебен осврт кон ранливите категории учесници во сообраќајот. Целта е унапредување на безбедноста во сообраќајот на патиштата, едукација за потребата од внимателно, одговорно и совесно учество во сообраќајот, подигнување на јавната свест за внимателност во сообраќајот, подигнување на сообраќајната култура, на сообраќајните правила и прописи, подобрување на сообраќајната инфраструктура во градот, намалување на сообраќајните незгоди.
Во таа насока, ОСБСП Охрид во програмата, предложи мерка за смирување на сообраќајот на регионалниот пат Охрид-Св.Наум и за реконструкција и обновување на постојните велосипедски патеки, изградба на нови вело патеки и поставување на велосипедска сообраќајна сигнализација на постојните велосипедски патеки, но и на локалните и регионалните патишта. За големување на безбедноста во сообраќајот на регионалниот пат Св.Наум-Охрид, на влезот на градот каде се менува каректерот на патот и брзината на движење на моторните возила, поконкретно на потегот кај Хидробиолошкиот завод, согласно законската регулатива, предлагаме, како мерка за смирување на сообраќајот да се постават вибрациони ленти. Тоа ќе придонесе за намалување на брзината на движење на возилата на тој дел од патот, каде изминативе години, случени се тешки сообраќајни незгоди со загинати лица. Со воведување на оваа мерка, се очекува подобрување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди. Овој дел од регионалниот пат е посебно небезбеден и за пешаците кои, поради непостоење на пешачка патека (тротоар и премин), се приморани неправилно да се движат на сообраќајниците кон населбата „Мегдани“ и „Хидробиолошкиот завод“. Со цел значително подобрување на сообраќајната безбедност на овој патен потег, поточно на дел од регионалниот пат, ОСБСП-Охрид, во 2016 година предложи поставување на челични одбојни огради како неоходно сообраќајно решение.
Со цел зголемување на безбедноста на велосипедистите, ОСБСП во програмата ја реафирмира потребата од обновување-реконструкција на постоечките велосипедски патеки во градот но и изградба на нови што е во согласност со проектот „Велосипедска патека за секоја улица“ инициран од ОСБСП Охрид во 2015 година. Оттука, сметаме дека е потребна анализа на постојната состојба на сообраќајната инфраструктура наменета за велиосипедисти (снижени тротоари и обнова на коловозната конструкција). Предлагаме итно поставување на соодветна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација на постојните велосипедски ленти но и на регионалниоте патишта Охрид-Св.Наум и Охрид-Струга, каде посебно за време на летната туристичка сезона има значително движење на велосипедисти. Со поставувањето на сигнализацијата, ќе се изврши значајно информирање на возачите на моторни возила, дека на тие делови од патот, се движат и велосипедисти и дека е потребно внимателно возење. Овде, потсетуваме дека, ОСБСП Охрид, во 2015 година го предложи пилот проектот „Велосипедско поврзување на Охрид и Струга“ што е реафирмиран предлог и во оваа програма за работа.
Инаку, во изминатиот четиригодишен период, ОСБСП Охрид, реализира низа кампањи и соработка со предшколските и школските образовни центри во градот, со секторот за образование во локалната самоуправа, со СВР Оххрид, со Противпожарната единица, медицинските установи, Црвениот крст, со велосипедските и мото клубови од градот, со здружението на пензионерите, со здружението на глуви и наглуви лица, лицата со посебни потреби, НВО, со други асоцијации и секако со медиумите. Меѓу реализираните проектите се „Како возиме на кружен“, „Детски семафор“, „Сообраќаен час во панорамскиот автобус“, „Секој ден да е безбеден“, „Вози трезвен-стигни жив“, „Го сакам градот безбеден“, „Безбедно вози-без алкохол вози“, „Мобилниот не е попаметен од тебе“, „Дојди на точак во 10“, „Сообраќаен час во панорамски автобус“, „Вело-мото патрола со полицијата“, „Барам зебра-преминувам на пешачки“ и многу други наменети за сите учесници во сообраќајот.