Промоција на Крушево како дестинација за сите 4 сезони
Се зајакнува меѓуинституционалната соработката и се интензивираат активностите помеѓу Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија и општина Крушево за валоризација и унапредување на туристичките продукти од овој регион.
Директорот на АППТ, г-дин Љупчо Јаневски и градоначалникот на Крушево, г-дин Томе Христоски на едукативен состанок заедно со туристичките субјекти, претставници на угостителските објекти, хотелите и приватните издавачи на соби, дискутираа за одржливите форми на туризам и развојот на градот како дестинација за сите 4 сезони.
Зголемување на понудата во делот на алтернативни форми на туризам, која е многу подоходовна за лoкалната економија, значи искористување на сите уникатни, природни ресурси кои Македонија ги има во изобилие, но на еден одржлив и безбеден начин.
Едукација на локалното население, брендирање на туристичките продукти и гастрономски специјалитети, развој на екотуризмот се приоритетни прашања кои несомнено ќе ја подобрат и унапредат туристичката понуда на градот. За овие прашања кои бараат сеопфатно и континуирано решение се дискутираше со претставници на АППТ, општина Крушево, “Swisscontact- бизнис ориентирана фондација за меѓународна развојна соработка” и останати засегнати туристички ентитети.
Возбудливите искуства на љубителите на ова парче небо се најдобра промоција на Македонија, како дестинација за развој на параглајдинг. Параглајдерство е атрактивен натпреварувачки и рекреативен спорт и воздухопловна гранка, која го привлекува вниманието на туристите, секогаш поддржан од АППТ. За таа цел, АППР работи на уредување на полетиште за параглајдинг во Крушево – поставување на вештачка трева на полетиштето заради зголемување на безбедноста на параглајдеристите и исполнување на стандарди за одржување на меѓународни натпревари со цел промоција на Република Македонија како дестинација за параглајдинг. Небото над Крушево оваа година ќе биде рај за параглајдеристите. Најавени се 7 купови во параглајдеризам, додека во 2019 година се очекува одржување на Светско првенство во овој адреналински и екстремен спорт.
АППТ за дестинацијата изработи промотивен материјал во форма на брошури и видео во кој се презентирани сите знаменитости на Крушево, вклучително можности за зимски туризам кој ги нуди градот, како и историјата, културата и уникатната архитектура. Несомнена е гостопримливоста на локалното население и специфичните гастрономски специјалитети. Градот е единствен и во традицијата на практикување на стари занаети. Пратејќи ги туристичките трендови, АППТ го промовираше Крушево на интернационалните саеми за туризам во Софија, Белград и Берлин и Загреб. Во наредниот период ќе се промовира и во Тирана и саемите што следат од септември оваа година.