Промоција на монографија посветена на Васил Шишков
Во фоајето на Македонскиот народен театар денес (30 јануари) во 18 часот ќе биде промовирана монографијата за актерот Васил Шишков, чиј автор е новинарот и театарски критичар, Борче Грозданов.
Сегменти од монографијата која е насловена „Шиле“ ќе чита актерот Сенко Велинов, а за книгата ќе зборува рецензентот Христо Петрески. Монографијата е издадена од издавачката куќа „Феникс“ со поддршка од Министерството за култура на Р. Македонија.
Васил Шишков (1970-2014) e македонски театарски, филмски и телевизиски актер. На македонската театарска сцена активно работеше од 1991 година, а настапил и во повеќе македонски филмови, како и бројни епизоди на Македонски народни приказни, а оствари и бројни театарски ролји. Васил Шишков беше син на великанот на македонското глумиште, Ристо Шишков.