Промоција на „Праисториска читанка и вежбанка за млади истражувачи“ со креативна работилница за деца
Центарот за научни истражувања и промоција на културата ХАЕМУС, на 24 септември во 11:45 во интерактивното катче помеѓу Домот на АРМ и „Меморијалниот музеј на Мајка Тереза“, ќе организира промоција на „Праисториската читанка и вежбанка за млади истражувачи“ на авторите м-р Василка Димитровска и Бисера Наумовска. Промоцијата е дел од настанот „Ден на граѓанските организации 2022“, организиран од Civica Mobilitas.
„Праисториска читанка и вежбанка за млади истражувачи“ е посветена на праисторијата – еден од најмистериозните периоди од развитокот на човекот. Во неа сите заинтересирани ќе најдат посебно објаснувања за секој од праисториските периоди, кои се неговите најважни карактеристики и најпрепознатливи предмети кои може да се видат во музеите. Читанката содржи исто така и голем број интерактивни археолошки вежби кои ќе ја разгорат фантазијата и креативноста на младите истражувачи и ќе им создадат можности за нови искуства. Во рамките на оваа промоција ќе се одвива и интерактивна креативна работилница „Тајните кодови на каменото доба“.
„Млад истражувач“ е образовна програма на „ХАЕМУС“ со педагошки карактер, наменета пред сѐ за деца и млади. Оваа програма и едиција опфаќа широк спектар на боенки, читанки, вежбанки, како и интерактивни сетови и едукативни настани за богатото македонско културно наследство.
WebOhrid / 23.09.2022 / ХАЕМУС