Промоција на „Разговори со Омер Калеши, Скопје – Истанбул – Париз“ од Луан Старова
Во Македонската академија на науките и уметностите денеска (14 мај), со почеток во 12 часот ќе биде промовирано изданието „Разговори со Омер Калеши, Скопје – Истанбул – Париз“ од академик Луан Старова …
Проф-д-р Ферид Мухиќ во предговорот на книгата, која е во издание на МАНУ, посочува дека иако тематски е посветена на уметноста, конкретно на ликовната уметност, и уште попрецизно на сликарскиот опус на само еден сликар (Омер Калеши), оваа книга претставува и своевидна енциклопедија на сликарството и теорија на уметноста, филозофска хрестоматија, антрополошка и културолошка студија од највисок ранг, и повторно, повторно – химна на слободната мисла епитомизирана во уметничкото творештво на двајцата соговорници кои се разбираат и креативно се надополнуваат во обликувањето на секој бран од ова вистинско море на концепции, стојалишта, уметнички правци, хуманистички визии.
Во изданието „Разговори со Омер Калеши. Скопје – Истанбул – Париз“ може да се прочитаат многу негови разговори во различни периоди, да се прочитаат фундаменталните монографии за неговото дело напишани од врвни автори, естети, писатели, авторитети во доменот на историјата на уметноста.
Омер Калеши е роден во кичевското село Србица во 1932 година. Матурирал во средното техничко училиште во Скопје, а во 1956 година емигрирал во Турција. Во 1965 завршил студии на Ликовната академија во Истанбул. Се преселил во Париз каде што и денес живее и работи. Имал голем број изложби во Македонија и низ светот.