Промоција на резултатите и сознанијата од Проектот: „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019“
На 24 Декември 2019 година, со почеток во 12:30 часот, во салата за седници на советот на општина Дебрца, село Белчишта, ќе се одржи Промоција на резултатите и сознанијата од Проектот: „Требенишко Кале, село Требеништа, истражување 2019“.
Настанот е организиран и поддржан од Општина Дебрца, додека пак реализатор е Филозофскиот факултет од Скопје, а ќе присуствуваат градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески, Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов и раководителот на истражувачкиот тим, проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс.
Археолошкиот локалитет „Требенишко Кале” беше истражуван оваа година со методот на рекогносцирање од страна на стручен тим од Филозофскиот факултет во Скопје, со финансиска поддршка на општина Дебрца.
Беа истражувани одбранбените ѕидови на древниот град, површините од ѕидовите, како и надвор од ѕидовите по околните падини.
По истражувањата беа добиени доволно резултати преку кои може да се согледа егзистенцијалниот континуитет на градот, неговата максимална површина во раната и доцната антика.
Меѓутоа, успеа да се навлезе и во трагата на неговата идентификација со еден средновековен град, споменат во еден средновековен извор.
Тоа е град по чија местоположба истражуваа и трагаа македонските историчари и археолози повеќе од половина век.
Сите заинтересирани ќе можат да дознаат повеќе информации на настанот.