Промовиран Двонасочниот Македонско-албански и Албанско-македонски Речник
Mинистерката за образование и наука Рената Дескоска оствари средба со делегација од ОБСЕ предводена од Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер, како и претставници од Нансен Дијалог Центар – Скопје.
На средбата, Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, г. Ламберто Заниер и претставниците од Нансен Дијалог Центар – Скопје, го презентираа двонасочниот Македонско-албански и Албанско-македонски Речник, кој е подготвен на иницијатива на Нансен Дијалог Центар – Скопје и Канцеларијата на високиот комесар за национални малцинства при ОБСЕ.
За време на средбата, министерката Дескоска изјави дека во духот на толеранцијата и почитување на различностите, речникот, ќе претставува мост за полесно разбирање помеѓу младите. “Со самото тоа што истиот е адаптиран за млади и лесна употреба, овој речник ќе биде практично применлив. Имено, овој речник треба да им послужи на најмладите, да го олесни изучувањето на албанскиот и македонскиот јазик“, потенцираше министерката Дескоска.
Министерката Дескоска го информираше г. Ламберто Заниер за Стратегијата за образованието 2018-2025, која е во финална фаза, дека постои консензус околу интегрираното образование кое е вклучено во сите нивоа на образование, почнувајќи од предучилишното, основното и средното образование.
Двонасочниот Македонско-албански и Албанско-македонски Речник е достапен електронски на следната веб-страница – http://hcnm-ndc.org/, и истиот е достапен за бесплатно преземање како мобилна апликација.