25/11/2024
Македонија

Промовиран новиот спот на Сефедин Бајрамов

Естрадниот уметник Сефедин Бајрамов, приреди вистинско изненадување промовирајќи го спотот за неговата најнова композиција „Еден ден ќе ме бараш ти“. Во преполната сала на Центарот за култура во Битола, Сефедин Бајрамов ја разбуди носталгијата на битолчани за убава серенада, пријатно расположение и дружење.

Оваа необична промоција повеќе наликуваше на концертен настан, на кој, покрај Сефедин Бајрамов, кој изведе неколку нумери од неговиот музички репертоар, со по две композиции настапија и Билјана Дамјановска, Маргарита Христова, Сзуана Турунџиева, која патем ја имаше и улогата на домаќин-водител на промоцијата. Тука беа и групите Гром и Љубојна, чиј настап публиката постојано го наградуваше со аплауз.

„Спотот имаше свои помагатели, но секако, најголема благодарност изразувам до публиката која дојде на оваа промоција и ме поддржа во ова мое ново дело. Публиката е таа која всушност и ме одржала во овие 39 години, а следната година, кога ќе го славам мојот јубилеј 40 години од првата снимка за Македонското радио, ќе направам нешто уште подобро“, рече Сефедин Бајрамов.

На промоцијата присуствува и создавачите на композицијата – текстописецот Огнен Неделковски, композиторот Миодраг Нечак, а во улога на аранжер се појавува младиот Давор Нечак, кој веќе има меѓународни успеси. Спотот, кој е сниман на локации на Халкидики и во салата на Народниот театар во Битола, претставува прекрасен емотивен запис кој совршено ја надополнува композицијата „Еден ден ќе ме бараш ти“. Спотот го изработи продукцијата на Дарио Јанковиќ.