Промовиран системот „Една точка за услуги“
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, денеска во Скопје, го најавија отпочнувањето на проектот „Една точка за услуги“, што ќе овозможи на едно место да се добијат повеќе услуги од повеќе министерства и државни институции, со што значително ќе се намали времето на чекање на граѓаните при добивањето на услугите и ќе придонесе за создавање на јавна администрација како вистински сервис на граѓаните.
„Овој настан не можеше да биде организиран во подобро време, бидејќи се случува во период кога нашата земја во наредните неколку месеци треба да испорача видливи резултати во реформите, меѓу кои се вклучени и реформските промени во јавната администрација. Во оваа просторија на граѓаните им се овозможува на едно место, на една локација, да добијат повеќе услуги, без потреба да одат од институција до институција а со тоа и да имаат повеќе драгоцено време кое нема повеќе да го трошат непродуктивно“, рече премиерот Заев, кој самиот ја испроба постапката за вадење на уверение за државјанство, на еден шалтер, во постапка која траеше неколку минути.
Премиерот Заев, пред граѓаните кои се затекнаа во просторијата, членови на Владата и претставници на државни институции, истакна дека Владата е посветена на заложбата за градење на сервисен систем на јавни услуги, на ефикасна јавна администрација, која во центарот на своето внимание секогаш го има интересот за овозможување на високо квалитетен сервис на граѓаните.
„На оваа „Една точка за услуги“ треба да се гледа како на уште еден чекор повеќе кон трансформацијата на државниот бирократски апарат во сервис на граѓаните како стратегија на оваа Влада. Им благодариме на другите министерства и државни агенции кои напорно работеа за да се спои сето ова во еден модерен систем. Им посакувам успешна работа во понатамошната трансформација на што е можно повеќе вакви центри кои ќе ги доближат услугите до граѓаните, а не обратно“, порача премиерот Заев.
Министерот Манчевски, информираше дека промовирањето на денешниот систем за услуги е само почеток на еден поголем проект за воспоставување на вакви канцеларии, во форма на „Една точка за услуги“ и во други градови во Северна Македонија.
„Веќе имаме проектирано решение за „Една точка за услуги“ во другите градови. Таму одиме еден чекор понапред и целосно ги укинуваме шалтерите. Граѓаните ќе седат на иста маса со вработените во институциите и ќе разговараат. Без бариери и рамноправно, непосредно, со основна човечка комуникација. Дел од овие канцеларии ќе се отворат со редефинирање на Интернет клубовите што веќе постојат низ градовите, а таму каде што овие простории не ги исполнуваат потребните предуслови ќе биде обезбедено друго место“, рече Манчевски, кој подвлече дека со измените главната цел е да се смени лицето и имиџот на јавната администрација преку менување на начинот на кој граѓаните и фирмите ги добиваат услугите.
„Шалтерот е првиот и најдиректниот контакт помеѓу граѓанинот и администрацијата. Затоа, инсистираме на непосреден контакт без добро познатите шалтерски бариери, кои постоеја помеѓу граѓаните и вработените во администрацијата. За таа цел ги отстранивме и стаклата на шалтерите. Сите се исти и сите се еднакви. Администрацијата е сервис за граѓаните, а и вработените на шалтерите се дел од граѓаните“, оцени Манчевски.
Со системот „Една точка за услуги“, кој е сместен на улицата „Димитар Влахов бр. 4, во старата зграда на „Комерцијална банка“ зад Уставниот суд на Република Северна Македонија, граѓаните на едно место ќе можат да добијат неколку десетици услуги и информации и тоа од следните институции: Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Шалтерите работат во две смени до 19:30 часот.