Промовиран Зборникот собрани трудови, во издание на МАНУ „Лихнид и Десаретија“ од академик Вера Битракова Грозданова
Промовиран Зборникот собрани трудови, во издание на МАНУ „Лихнид и Десаретија“ од академик Вера Битракова Грозданова
Литература за наследство и наук на идните генерации
МАНУ, синоќа во Охрид, во “Куќата Уранија” (зградата на сопственото формирање), во рамките на “Научната и уметничка визита – Охрид 2018”, го промовираше Зборникот собрани трудови, „Лихнид и Десаретија“ од академик Вера Битракова Грозданова.
Присуствуваа поголемиот дел од членовите на МАНУ, видни археолози и куртуролози, додека промотори беа академик Георги Старделов и професор д-р Силвана Блажевска. Со кратка поздравна реч се обрати и авторката на делото, Битракова Грозданова.
Академик Старделов ја препорача книгата како едно од најзначајните дела за Охрид и Македонија. Пишувана е скоро половина век, го следи творечкиот пат на Битракова-Грозданова, од првиот научен труд, напишан во истата зграда (10 години работела во Завод и Музеј во Охрид), каде подоцна доаѓа и нејзиниот животен и творечки сопатник, академик Цветан Грозданов.
„Темата е Десаретија, регионот на Охрид и Преспа, додека Вера открива што се случувало и зачувало под земја. Затоа, денес, со истражувањата и објавата на Вера, знаеме што се случувало и во подземен и во надземен Охрид. Книгата на Вера е прекрасна илустрација на естетскиот хабитус на домицилното население. Островот Голем град, заедно со помалиот св.Ахил, се врв на нејзините, но и истражувањата во Македонија. Таму во Преспа, има нешто мистично, привлечно, дури трогателно, кое ве тера да влезете во потрага, а Вера го направи тоа на начин што го спаси од пропагањето во вечноста.“ – потенцираше академик Старделов.
Најновото дело на Битракова – Грозданов е приказ на случувањата – 10 века наназад во антиката. Според Старделов Вера го избегнува етницитетот, затоа што тој не е вечна категорија, секаде, па и на овие простори. Во нејзините објави, во нејзините научни истражувања, покрај археологијата, присутен е и естетскиот пристап. Во нејзините дела Охрид е вграден, не само со хабитусот на домицилното население, не само вистината, туку и со убавината што е реткост во нашата археологија. Истражувала, на охридското Кале, Плаошник, Дебој, Делогожди и на други места. Таа се смета за синоним, кога се дебатира запоимот “Македонска гробница” во археологијата.
„Вера е опсесивнопосветена на темата – Десаретија. Нема големи откритија без страст, љубов и длабока посветеност на една тема. Вера е рамо до рамо со великиот германски истражувач Шлиман, кој цел еден век талкаше по средоземно-морскиот басен, за една тема која ја истражувал до смртта – Троја. Делото што вечерва го претставуваме, е полиглотска книга, со објави на истражувањата во Франција и Грција, додека самата Вера е единствената која ја почитуваат и не ја оспоруваат нашите јужни соседи.“ – напомена академик Старделов.
Според академик Старделов, авторката е истражувач од Колумбовски вид, таа Десаретија ја открива како – Западна порта на антиката, без неа – Гетеовски кажано: немаше да знаеме од каде сме, што сме во историјата времето и просторот? Тоа е една илустрација на времето, откривањето и истрајувањето – од “Еурека” на Архимед до современиот Фуко. Само во археологијата вистината е несоборлива, но на начин како што тоа го прави Вера, спротивно од она што, последната деценија ни го наметна и во што не заробија инстант-археолозите и политичарите.
Старделов, настапот го започна со блага критика кон официјален Охрид: “Вера Битракова Грозданова и Цветан Грозданов, своите животи им ги посветија на Охрид, а официјален Охрид не им врати ниту со половина час внимание”!?
„Вера ми рече дека дошол Паско (Кузман) и дека можеме да почнеме! Вера и нејзинот сопруг, академикот и поранешен претседател на МАНУ, Цветан Грозданов, и двајцата по потекло од Охрид, своите животи ги посветија на родниот град – тој како водечки балкански византолог, таа како врвен археолог-истражувач. Официјален Охрид, пак, не им возврати со со половина час внимание!“ – забележа академик Старделов.
Професор д-р Силвана Блажевска, во својот прилог кон промоцијата, говореше за истражувањата на Битракова – Грозданова во раната Антика, посебно некрополите околу Десаретските езера во хелинистичкиот период, културните врски со Епир, односно влијанието на Епир кон Илирик, како и другите горно македонски региони, потоа за урбаната фаза во Римското царство и елементите градската римска управа (Античкиот театар во Охрид), старото градско јадро во Охрид, во раната и доцна Антика.
Академик Вера Битракова Грозданова говореше кратко, потсети дека книгата го доживува првото јавно обелоденување, иако е објавена во декември минатата година, во време неподобно за славење, алудирајќи на смртта на академик Цветан Грозданов, за кој, пак, академик Старделов, беседеше, како “Тој и вечерва бдее над нас, бдее – како ова направеното од Вера, ќе биде примено и прифатено”.
Веле Митаноски