22/11/2024
Македонија

Промовирана книга со песни од Руми

Јавната установа Дом на култура „Драги Тозија“ повторно и приреди ново изненадување за Преспанската публика. Синоќа пред Сарајот, во прекрасниот двор и амбиент на ова историско здание, беше промовирана поетската збирка „Два света” од познатиот поет, филозоф и теолог од Персија кој творел во 13-тиот век, Џелаледин Мевљана Руми, Поезијата на Руми годинава доби превод на современ македонски јазик преку поетската збирка „Два света”, од страна на преведувачот Тихомир Јанчовски. Јанчовски, заедно со промоторите, митрополитот Пимен и струмичкиот поет Митко Гогов прочитаа дел од преведната поезија на Руми.

„Во основа Руми е теолог, без разлика на фактот што и припаѓа на друга вера. Но, сепак таа е универзална теологија и знае да се повика на чистота на душата и менување на животот на подобро, така што таа припаѓа во моралната теологија. Другата причина поради која што вечерва читав поезија од Руми е навраќањето на времињата кога сум чул за Руми и сум читал негови песни, што беше доволен мотив да ја истражувам теологијата повторно и повторно. Третата причина е пријателскиот момент меѓу мене и Тихомир Јанчовски и взаемниот однос, така што тој ме покани да бидам еден од луѓето кои ќе ја читаат поезијата од Руми во Ресенскиот сарај“, рече митрополитот Европски, г-дин Пимен.

Дел од преведените песни беа прочитани и од Добрила Грашевска, вокалист на групата Чалгија саунд систем, која на задоволство на публиката изведе неколку стари македонски композиции, а публиката запеа заедно со неа. Директорот на Домот на културата „Драги Тозија“, Васко Василевски, по завршувањето на овој настан најави нови културни содржини непосредно пред одржувањето на Преспанскиот јаболкобер, како своевиден предвесник за оваа голема преспанска манифестација.