Промовирана книгата „Антологија на ловорот“
Во рамки на традиционалната свеченост „Стихови и звуци за Прличев“ денеска во Спомен-куќата на Григор Прличев беше промовирана книгата „Антологија на ловорот“ која е издадена под покровителство на Општина Охрид, како дел од овогодинешните чествувања посветени на ловороносецот.
Пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Ристе Николески.
-Чувствувам посебна гордост и голема чест, како претставник на Општина Охрид, како историчар, како охриѓанец и како човек да говорам за големиот Григор Прличев, еден од најмаркантните македонски книжевници, кој со своите творечки достигнувања е своевиден историски симбол за нашиот Охрид.
Неговото име, неговите вредни дела и неговиот животен пат, биле и сеуште се вистински предизвик за книжевната наука. Голем број истакнати литературни дејци, ја истражувале и ја проучувале неговата дејност, со цел да ја одгатнат суштината и да ја покажат вредноста на неговиот значаен опус.
Годинава во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ одбележуваме два значајни јубилеи, а тоа се 190 години од раѓањето на Григор Прличев и 160 години од објавување на безвременската поема „Сердарот“. Литературната критика го ословуава ова дело како апсолутен врв во уметноста на зборот, а лауреатот Прличев со епитетот „Втор Хомер“.
Со својата содржина и мотив ова дело е една нераскинлива нишка помеѓу сегашноста и минатото, еден светол пример кој не учи и ни помага да продолжиме да ја водиме нашата борба за подобро утре и подобра иднина за новите генерации. Искрено се надевам дека токму тие, младите, ќе ја продолжат таа нишка на храброст, сплотеност и посветеност и дека ќе го негуваат Прличевото дело, со надеж и уверување дека Охрид повторно ќе може да се гордее со некој нов уникатен уметнички талент, кој ќе остави вековен печат во нашата историја, истакна Николески.
Оваа можност ја користам во мое лично име, во името на градоначалникот Константин Георгиески и во името на Општина Охрид да им се заблагодарам на Димитар Пандев, Славе Ѓорго Димоски и Митре Велјаноски за нивниот ангажман за креирањето на изданието „Антологија на Ловорот“, кое значително ќе придонесе за зачувување и промовирање на ликот и делото на Григор Прличев.
Со организирање и поддршка на ваквите настани Локалната самоуправа покажува дека е определена и во иднина да продолжи да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на културните вредности на Охрид, истакна Николески. Тој во името на општината им додели по неколку примероци од антологијата на претставниците на образовните и културните институции од Охрид.
Во рамки на настанот им беа врачени и пригодни награди на ученичките Андреа Савиќ и Марија Вранишкоска чии трудови беа првонаградени по распишаниот литературен конкурс на ОУ „Григор Прличев“.
Во рамки на програмата од овогодишната манифестација „Прличеви беседи“ денеска во НУ Библиотека „Григор Прличев“ се одржа и традиционалната „Прличева визита“.