Промовирана „Македонска разгледница“ од хармоникашот и композитор, проф. д-р Гоце Џуклески
Во присуство на голем број пријатели, соработници и сограѓани во петокот, вечерта во НУ Библиотека „Григор Прличев“ проф. д-р Гоце Џуклески, познат македонски хармоникаш и композитор ја промовираше книгата „Македонска разгледница“.
Се работи за книга која содржи 31 мелографски записи на исто толку ора чиј автор е Џуклески. Промотор на „Македонска разгледница“ беше композиторот и хармоникаш Сашо Ливрински, негов колега по музиката, кој рече:
-Искуството е различно,затоа што за прв пат се наоѓам во улога на нотограф на целокупниот музички материјал што се наоѓа во книгата.За мене нов и голем предизвик,кој се надевам успешно го завршив,за што ќе посведочат практичарите во музичката професија,односно практикувачите во музицирањето на хармоника.
Мислам дека со право можам да тврдам дека оваа музичка книга е вистински пионер во запишувањето на ороводни ноти во Македонија.Се разбира,со должно почитување кон сите оние кои тоа го направија претходно,кои за жал се бројат на прсти,би сакал ова мое тврдење и да го образложам во кратки црти.
Аматеризмот во науката и уметноста,значи и во музиката, завршува во моментот кога на сцена стапува „нотирањето“ на извесни искуства во експериментирањето,добиените резултати од разни истражувања и нивна потврда според одредени научни и уметнички стандарди и принципи.За наша жал,во соседните држави,со сличен фолклор на нашиот,одамна тие музички стандарди и принципи се востановија,поготово во запишувањето на начинот на музичката изведба на вокалните и инструменталните музички сочиненија,нормално настанати во услови на музичка неписменост на нашите претци.Навистина е жално за музичка почва како нашата,на која и се восхитува целиот музички свет, да остане на забот на времето,на забот на аматеризмот и на забот на заборавот.
Имаме многу богата ризница на снимени народни и новокомпонирани ороводни ноти од ослободувањето до ден денес,но за жал навиката,практиката и стандардот за нивно запишување не одеше правопропорционално со ова.Посебно не се обрнуваше внимание на запишувањето на најточниот начин на изведбата,што даваше многу простор за импровизација,а таа,импровизацијата ако не е контролирана од субјектот најчесто преминува во хаос и недефинираност,која пак не произведува стандарди.
Всушност, сакам да кажам дека светската практика во запишување на музичката изведба подразбира, што е можно повеќе внесување на податоци во записот,кои ќе го одредат вистинскиот карактер на самата изведба и нејзино точно изведување,без индивидуални претпоставки.Со ова се штити оригиналната мисла на авторот,неговото творештво и се обезбедува правилна изведба на неговите музички дела.
Јас се обидов со сите мои сили и знаења овој светски стандард да го применам во запишувањето на ората,компонирани од Гоце и затоа мислам дека е ова пионерски обид за примена на овие стандарди на македонско тло.И не само моите нотографии,туку и самата корица,рецензиите и целокупната организираност на оваа музичка книга, сметам дека е еден вид таков пионерски зафат, рече Ливрински.
Учениците од Средното економско училиште „Св Кирил и Методиј“ Ивана Ническа и Роберто Неделкоски прочитаа извадоци од биографијата и од рецензиите на етномузикологот и музикологот Кирил Тодески и Марко Колоски.
Авторот Гоце Џуклески искрено им се заблагодари на сите за присуството, на сите соработници во неговата музичка кариера која трае 40 години со желба и натаму да творат заедно како и досега. Џуклески најави и други проекти со кои ќе се збогати македонската песнопојна ризница, но и нотни записи кои ќе бидат добра оставнина за идните генерации. Во своето обраќање , тој кусо рече: -Музиката е најдобра слика за еден народ, а кога се работи за македонската музичка слика, таа е волшебна, неповторлива и вонвременска.