Промовирана „Охридска археолошка азбука“
Под покровителство на градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков од печат излезе археолошкиот труд „Охридска археолошка азбука“ што денес се промовираше во големта општинска сала. Ова големо по значење дело за мали ученици со заложба на градоначалникот Кирил Пецаков е бесплатно доделено на 700 третоодделенци од охридските основни школи.
На промоцијата на книгата градоналникот Кирил Пецаков имаше пригодно обраќање:
– Почитувани автори на „Охридската археолошка азбука, ценети професори, уредници, рецензенти, почитувани археолози, дами и господа
Дозволете да го изразам моето огромно задоволство што денес се собравме тука за да го промовираме ова скапоцено археолошко дело за деца кое е добра водилка за осознавање на нашите корени кои продираат во дамнина, во античка и царска Македонија. Зошто нема опстојување во сегашноста и гледање кон иднината ако не си го познаваме минатото.
Древниот Охрид е бедем на македонскиот национален идентитет, научен и културен центар кој ја промовира Р. Македонија како земја која доследно се грижи за своето, минато, сегашност и иднина. А токму со пишување на вакви дела се грижиме за своето минато. Преку оваа книшка нашите сакани деца побрзо и посликовито ќе разберат кои сме и што сме. Осознавајќи и почитувајќи се себеси дозволуваме да не сакаат и почитуваат и останатите.
Велт дека ништо на светов, значајно и големо, ниту започнува ниту завршува без голема љубов и без голема посветеност. Затоа упатувам голема благодарност до сите ценети автори кои ја вложија целата своја љубов, посветеност, ентузијазам и знаење во испишување на „Охридската Археолошкла азбука“.
Ние као локална власт пак го поддржавме и застанавме позади овој важен проект. Се потрудивме книгата да стигне до рацете на секој третоодделенец од Охрид. “Охридската археолошка азбука“ со бројни илустрации и шаренило на околу 80-ина страници е богата со скапоцени содржини. Нашите дечиња ќе се сретнуваат со досега нечуени но битни термини и поими средени од А до Ш. Ќе разберат што е тоа Археологија, Базилика, Византија, Глаголица, Дасарети, Ѓакон, Евангелие, Житие, Залив на коските, Свонлик кратер, Имарет, Јазик старословенски, Кадмо, Лихнидос и ред други поими.
Подобро ќе разберат дека нивниот Охрид е град на испреплетена култура, историја и личности важни за регионалната и европската цивилизација, јадро на словенската писменост и кутурара. Тука твореле и создавале нашите светители и просветители Климент и Наум. Чиниш сеуште во глува доба го слушаш гласот на Ловороносецот Прличев како се движи по охридските сокаци или ако нурнеш подлабоко ќе стигнеш до времето на Пердика и Самуил. Да, во тоа време низ страниците на „Охридската археолошка азбука“ ќе нурнат нашите деца, кои верувам дека ќе станат уште погорди на самите себе осознавајќи го своето минато– подвлече Пецаков.
Автори на „Охридската археолошка азбука“ се факултетските професори Антонио Јакимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска и младиот археолог, Иван Малезанов.
Промотор на трудот беше археологот Паско Кузман.
– Оваа „Археолошка азбука“претставува една бајковита приказна за археолошки поими , бидејќи археологијата како наука колку што е егзактна, толку е и поетична. Ако овде треба да се изразиме со детска речничка сликовитост, тогаш оваа мала детска археолошка енциколопедиска „прчка“ наликува на мала напудрена принцеза која сака да се вгнезди во детската љубопитност– рече Кузман.
Професор д-р Маријан Јованов во улога на рецезент посочи дека:
– Ако сакаме квалитетно образование, а сакаме, ако сакаме нашите најмили малечки да израснат во вистински џинови, а сакаме, ако сакаме од мали нозе да почнат да се запознаваат со огромните содржини и вредности на нашето културно наследство , а и тоа го сакаме, тогаш е дојден часот до почнеме да правиме нешто за нив, нешто што ќе допринесе да израснат и се изградат во здрави личности и да се вљубат во својата земја, да стојат мирно кога се свири нашата химна, да го почитуваат, проучуваат и презентираат нашето огромно богатство наталожено во слоевите под нас од изминатите векови , пред нас и пред целиот свет-рече Јованов
Свои обраќања имаа и авторите и проф.д-р Ана Фрицханд. Во трудот има 89 археолошки поими, а 26 се однесуваат за Охрид.
WebOhrid / 04.12.2024 / Општина Охрид