Промовирана „Созвездие низ магичниот круг“ од Ило Кафеџиоски – Кафе
Вчера во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше промовирана третата стихозбирка од авторот Ило Кафеџиоски – Кафе „Созвездие низ магичниот круг“.
Промоторите Ванѓелко Лозановски и Љубица Чифлигароска , секој одделно на присутните на промоцијата им ги пренесоа нивните лични импресии од песните срочени од Кафеџиоски – Кафе.
-Најновата стихозбирка е пообемна и самиот наслов „Ѕвезди од магичниот круг“ зборува дека поетот е секогаш во центарот на животот од тој голем магичен круг. Неговите песни извираат од тековите на животот и за животот. Сите до една се „исплетени“ со избрани стилски фигури и емоции, чувства со идеали и визии со стил близок за сите генерации, рече Лозановски.
Според Чифлигароска, Кафеџиоски со оваа најнова збирка поезија извршил потполна идентификација на неговиот живот со неговата поезија.
Шеесетината песни се само логично продолжение на она што Кафеџиоски го создал и оставил како залог во неговите претходни стихозбирки.
Тој е автор на стихозбирките: „Во кругот“ и „По кругот“ и успешно ја гради својата поетска оригинална оаза во македонската современа поезија.
Во средината на осумдесеттите Кафеџиоски бил иницијатор за формирање на литературниот клуб „Сердарот“ и бил негов прв претседател.