07/02/2025
Македонија

Пронајдени шест скијачи кои се изгубиле поради густата магла на Попова Шапка

Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК беше добиена пријава дека на Попова Шапка шест (6) лица се изгубиле, не можеле да се ориентираат и побарале помош. Конкретно, со ски-лифт се качиле горе на скијачките патеки и кога се обиделе да се спуштат надолу паднало многу густа магла, а и поради снегот што бил нов и немало изгазена патека од други скијачи тие не можеле да се ориентираат за правец за спуштање. Согласно ситуацијата скијачите се јавиле за помош на 112.

Од ЦУК веднаш биле известени СВР Тетово и раководителот на РЦУК Тетово. Во меѓувреме, лицето вработено на ски-лифтот пронашло пет (5) од изгубените лица, а подоцна во 16:15 часот го пронашло и шестото изгубено лице. Прво сите биле згрижени во полициската станица на Попова Шапка, а потоа безбедно се вратиле во нивните домови.


WebOhrid / 15.12.2024 / ЦУК