22/11/2024
Македонија

Прва посета на македонска висока делегација на Грузија, предводена од министерот Николовски

Унапредување на трговската размена, соработка и размена на искуства од областа на земјоделството, модели за справување со елементарни временски непогоди, ова се дел од темите кои беа предмет на разговор при официјалната посета на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на Република Грузија.

Во рамки на посетата Тбилиси, Р. Грузија, министерот Николовски оствари средба со грузискиот министер за земјоделство Леван Давиташвили, на која двајцата министри ги презентираа актуелните состојби во земјоделството. Министерот Николовски го запозна министерот Давиташвили, со политиките на македонската Влада за развој на агро- сектор и проблемите со кои се соочува Македонија во овој сектор.

Од друга страна, министерот Давиташвили, ги образложи искуствата на Грузија за унапредување на земјоделството и можностите за поголема соработка со Македонија, на полето на увоз/извоз на земјоделско-прехрамбени производи.

Според официјалните статистички податоци Македонија и Грузија и покрај потенцијалите, засега имаат слаба трговска соработка. Трговската размена помеѓу Република Македонија и Република Грузија е симболична. Минимален извоз од Република Македонија во Република Грузија имало во 2016 година, и тоа е извоз на режано цвеќе (рози, итн.) во вредност од 10.500 евра. Во 2016 и во 2017 година има минимален увоз на ловоров лист од Република Грузија во Република Македонија во износ од 3.500 евра. Министерите Николовски и Давиташвили, се согласија дека Македонија и Грузија се земји со мали економии, но имаат огромен потенцијал, кој преку почести средби и меѓусебна соработка, може заеднички да се искористи, од што бенефит ќе имаат и двете земји.

Исто така, во склоп на посетета на Грузија, министерот Николовски го посети државниот воен научно-технички центар „Делта“, каде што од страна на заменик министерот за одбрана на Грузија, Гиорги Бутхузи, заменик министерот за земјоделство, Нодар Келеселиѕе и генералниот директор на “Делта”, Уџа Џуџуашвили, беше презентирано функционирањето на дигитализираниот автоматизиран систем за заштита од град, како и начинот на лансирање на против-градобијни ракети.Се работи за софистициран систем, со кој според годишниот извештај на центарот „Делта“, Грузија, од 56 денови со градоносни облаци, во 53 денови системот ефикасно се справил, со што успешноста била 96 проценти и успеала да заштеди околу 10 милиони евра за исплата на штети, само во регионот Какхети .Делта центарот располага со 84 базни станици за испалување на ракети. Од центарот посочија дека веќе се разработува и модел на имплементација на систем за заштита од пожари. На средбата беше договорено експертски тим од Делта центарот, да дојде во Македонија, за да изврши скенирање на теренот.

Овие искуства се добредојдени за Македонија, бидејќи во последните години има чести појави временски непогоди особено на град, кои што предизвикуваат сериозни штети врз земјоделското производството.

Инаку ова е прва посета на македонски функционер на Р.Грузија. Министерот Давиташвили, ја прифати поканата на министерот Николовски, за официјална посета на Република Македонија.