26/11/2024
Охрид

Прво издание на тридневниот гастрономски настан „Taste Ohrid 2018“

Првото издание на тридневниот настан TasteOhrid 2018, ќе се одржи од 12-ти до 14-ти октомври на повеќе локации во Охрид, а ќе вклучува гастрономски и авантуристички дел.

Како главна ѕвезда на Taste Ohrid оваа година имаме голема чест да го пречекаме италијанскиот Мишелин шеф Џорџо Дијана, кој ќе приготви Гала вечера во Su Hotel, на 13-ти октомври во сабота, со почеток од 17 часот. Цената на една карта за Гала вечерата чини 80 евра, а резервациите можете да ги направите на info@suhotel.mk или преку пријавување на официјалната веб страна на настанот tasteohrid.mk. Ќе ни причинува големо задоволство доколку Вие и Вашиот менаџерски тим присуствувате на оваа Гала вечера.

Покрај главната вечера, во петок и недела во рамките на фестивалот ќе бидат огранизирани и бесплатни дегустации на локални и морски специјалитети приготвени од другите гостински готвачи и тоа, српскиот шеф Ѓорѓе Крстиќ, романскиот шеф Раду Зарнеску и македонскиот шеф Дејан Карапеев.

Исто така, во рамките на настанот ќе бидат организирани и две велосипедски тури, и тоа една тура околу Охридското Езеро во сабота на 13-ти октомври и планинска велосипедска тура на Галичица во недела на 14-ти октомври. Учеството на двете тури заедно чини 400 денари, а ова би било одлична можност за тим билдинг на вашата компанија.

Секако, покрај гастрономското уживање и спортските активности во текот на денот и попладневните часови, вечерните часови се резервирани за добрата забава и дружење, а за таа цел ќе бидат организирани забави низ повеќе локални барови и ноќни клубови во Охрид.
Настанот „Taste Ohrid 2018“ е поддржан од Општина Охрид, ЕДЕН – туристички кластер за југо-западна Македонија и Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост.

Повеќе информации и пријавување за велосипедските тури на веб страната www.tasteohrid.mk.