Работна посета на министерот Никола Димитров на Брисел
Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на 27, 28 и 29 мај престојува во работна посета на Брисел.
По вчерашните средби со високата претставничка Федерика Могерини и со МНР на Грција Никос Коѕијас, денес во организација на министрите за надворешни работи на Бугарија и Австрија, министерот Димитров, учествуваше на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската унија.
Дискусиите на работниот појадок, кој се одржа во рамките на бугарското претседателсво со Советот на ЕУ, претстојното австриско претседавање и во пресрет на Советот за надворешни работи на ЕУ, беа фокусирани на политичките состојби околу евроинтегративните процеси на Република Македонија, имплементацијата на реформската агенда на Владата, како и добрососедските односи.
МНР Димитров ги запозна министрите на земјите членки со постигнувањата на Република Македонија во имплементацијата на внатрешните реформи и унапредувањето на добрососедските односи, како и со плановите на Владата и очекувањата во периодот кој доаѓа. Тој исто така ја истакна потребата од поддршка на земјите членки за усвојување на одлука за почеток на пристапните преговори со Република Македонија, која ќе има значителен придонес во затворањето на сите отворени прашања и успешното спроведување на домашните реформи.
Во таа насока Министерот Димитров истакна:
„Имаме шанса во Регионот да се натпреваруваме за прашања кои се важни сега, но и во иднина. Имаме историска можност за суштински напредок, но и Европа ќе има вистински бенефит ако ја искористиме оваа можност за добри вести на континентот.”
Во текот на вториот ден од работната посета на Брисел, во Советот на ЕУ, министерот Никола Димитров имаше и билатерални средби со неговите колеги од Данска, Андрес Самуелсен; Романија, Теодор Малешану; Тимо Соини од Финска како и со државниот секретар за европски прашања во португалското МНР, Ана Паула Закариас, британскиот министер за Европа, Алан Данкан, неговиот германски колега Михаел Рот и заменик шефот на кабинет на претседателот на Европската комисија и висок дипломатски советник, Ричард Шостак.
Работната посета на Брисел продолжува утре, 29 мај.