22/11/2024
Македонија

Работна посета на МНР Димитров на Берлин

Денес, во рамки на првиот ден од работната посета на Берлин, министерот Никола Димитров оствари низа активности и средби во насока на презентирање на македонските аргументи пред германските домаќини за добивање одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ во октомври. 

За таа цел, МНР Димитров најпрво имаше обраќање и размена на мислења со релевантни соговорници од неколку државни институции, членови на Бундестаг и на тинк тенк заедницата, за време на работниот појадок организиран од фондацијата Кербер. Потоа, министерот Димитров оствари средба со својот колега, министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, на која беше направен пресек на постигнатото, актуелните случувања и изгледите во однос на нашите очекувања од октомврискиот Совет на ЕУ. Министерот Димитров изрази благодарност за принципиелната и конзистентна германска поддршка и пријателство и уверување дека во октомври нема да се испушти приликата за заеднички успех. Беа разгледани билатералните односи и можностите за нивно продлабочување особено во делот на економската соработка. МНР Мас ја реафирмираше поддршката за Северна Македонија, истакнувајќи дека е оптимист во однос на очекувањата од Советот на ЕУ во октомври и дека „не гледа веќе никакви пречки за Северна Македонија да ги започне преговорите за членство со ЕУ”.

МНР Димитров: „Оваа година сум чест посетител на Берлин и денес, непосредно во очи на октомврискиот Совет на ЕУ, сум дојден да разменам мислења со нашите германски пријатели и да нагласам уште еднаш дека Северна Македонија претставува недвосмислена можност за заслужен и заеднички успех со ЕУ во октомври. Благодарни сме за германската поддршка и уверени сме дека европската перспектива ќе биде наскоро валидирана и препознаена и од сите останати земји-членки на ЕУ.”

Министерот Димитров се сретна и со државниот министер надлежен за Европа, Михаил Рот при што соговорниците разменија мислења околу конкретните реформски резултати што Северна Македонија ги постигна и поширокиот регионален и ЕУ контекст во пресрет на октомврискиот Совет. Агендата Министерот ја продолжи со низа средби со германски пратеници од Бундестаг и тоа: Јосип Јуратовиќ (СПД), Гунтер Крихбаум (ЦДУ, претседавач на Комисијата за ЕУ прашања), Кристијан Петри (СПД), Михаил Куфер (ЦСУ), како и со Уве Корсепиус, советник за ЕУ на Канцеларката Меркел. 

На средбите со германските пратеници кои дадоа јасна поддршка, стана збор за резултатите и напредокот  што земјата го оствари и аргументите зошто позитивната одлука во октомври е заслужена, особено во пресрет на претстојната дебата на Бундестаг на крајот на септември.

И утре, МНР Димитров продолжува со средби со пратеници од германскиот Бундестаг, советникот за надворешна политика на Канцеларката Меркел, како и со претставници на германското Министерство за надворешни работи.