23/11/2024
Македонија

Работна посета на Османи и Димитров на Париз

Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска престојуваа во работна посета на Париз. За време на посетата, беа остварени одделни средби со државниот секретар за европски прашања, г-ѓа Амели де Моншален во француското министерство за надворешни работи и со Клеман Бон, советник за Европа во Кабинетот на претседателот Емануел Макрон. 

На средбите, заменик на претседателот на Владата, Османи и министерот Димитров го истакнаа значењето на последниот Извештај на Европската Комисија кој прецизно го рефлектира степенот на постигнатите реформи во Република Северна Македонија во изминатата година, и јасно дефинираната препорака за отпочнување на преговорите на нашата земја со Европската Унија, што ја потврдува нашата целосна подготвеност за следната фаза од овој долготраен процес. Соговорниците беа детално брифирани за постигнатиот напредок во клучните области кои се дел од заклучоците на Европскиот Совет минатата година, а се солидна основа за донесување одлука од страна на Европскиот Совет за почеток на преговорите со Северна Македонија, оваа година.

„Уверени сме дека Франција ќе препознае дека нашата жед и работа за создавање стабилна и просперитетна европска демократија дома, целосно се совпаѓа со визијата и напорите на претседателот Макрон за силна, стабилна и просперитетна Европа“ – потенцираше министерот Димитров.

 “Европските перспективи претставуваат единственото гориво кои имаат доволно сила за да ја придвижат трансформативната моќ на Европската Унија на Балканот, која, токму на примерот на Република Северна Македонија покажа на дело дека умее да ги менува општествата на подобро, што претставува основа и за подлабоко, регионално влијание, како заемен интерес во создавањето трајна стабилност и просперитет на целиот континент“ – истакна заменик на претседателот на Владата, Османи, посочувајќи во оваа насока на високите очекувања на граѓаните на Северна Македонија, но и на земјите од регионот, токму за европските перспективи на земјата.

Задржувањето на моментумот на континуирано заедничко чекорење за имплементација на реформската агенда и валоризацијата на постигнатиот прогрес на нашата земја, недвосмислено ќе придонесат за силно зацврстување на европската перспектива во Регионот, но и ќе го потврди кредибилитетот на Европската Унија.  

Соговорниците разменија мислења и за француската Стратегија за Западен Балкан која претставува комлементарен процес со процесот на интегрирање на земјите од Регионот во Европската Унија, преку поддршка на реформската агенда за поскора имплементација на европските стандарди. 

Беа дискутирани и можностите за унапредување на билатералната соработка меѓу двете земји во областите од заемен интерес, како и текот на процесот на евро-атлантското интегрирање на Северна Македонија, кој се очекува наскоро да го ефектуира нашето полноправно членство како 30-та членка на Алијансата.