Работна средба на министерот Спасовски со првиот заменик министер за внатрешни работи на Чешка Новачек
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денес одржа работна средба со првиот заменик министер за внатрешни работи на Република Чешка Јири Новачек кој на чело на делегацијата на чешката полиција се наоѓа во дводневна работна посета на македонското МВР.
На средбата беа потврдени заложбите за натамошно продлабочување на досегашната меѓусебна соработка, при што министерот Спасовски се заблагодари за досегашната поддршка и помош на Чешка Република за Република Македонија која освен преку материјално – технички и финансиски средства, е изразена и преку упатувањето на чешки полициски службеници на територија на Република Македонија за поуспешен надзор и контрола на државната граница кон Грција. Воедно министерот Спасовски ги презентираше итните реформски приоритети, пред се, во безбедносниот сектор, при што двете делегации се согласија дека Чешката Република може директно да помогне во спроведувањето на реформите со една цел – македонските граѓани побрзо да почнат да ги почувствуваат бенефитите од европското интегрирање.
Инаку, работната посета е во насока на продолжување и унапредување на билатералната соработка меѓу дете министерства, односно разгледување на досега постигнатите резултати од соработка на двете институции, и следствено на тоа детектирање на можностите, сферите и динамиката за интензивирање на партнерството од заеднички интерес.
Утре (01.12.) предвидена е посета на контингентот на чешки полициски службеници кои се сместени во Гевгелија, кои како дел од Заедничката операција од почетокот на 2016 година им помагаат на македонските полициски службеници во обезбедувањето на државната граница. Како што е познато од започнување на проектот за засилен надзор на јужната државна граница на Република Македонија кон Грција, односно од почетокот на 2016 година до декември 2017 година Чешка Република упати вкупно 534 полициски службеници, распределени во 14 контингенти.
https://www.youtube.com/watch?v=ak6JUFKmwlg