26/11/2024
Македонија

Работна вечера на премиерот Заев со хрватската претседателка Грабар Китаровиќ

Претседателот на Владата на Република Македонија, придружуван од заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, имаше работна вечера со Колинда Грабар Китаровиќ, претседателка на Република Хрватска, придружувана од хрватска делегација и амбасадорката на Република Хрватска во Република Македонија, Данијела Баришиќ.

Хрватската претседателка, Грабар Китаровиќ, пренесе порака на силна поддршка од Република Хрватска на интегративните процеси на Република Македонија. Претседателката Грабар Китаровиќ рече дека Република Хрватска се радува на постигнатите успеси на Република Македонија, на внатрешен и надворешен план, дека Хрватска е подготвена да продолжи да дава уште поактивна политичка и техничка поддршка за ‘се што и е потребно на Македонија во делот на евроинтеграциите, како и во рамки на демократските процеси. Пораката на хрватската претседателка Грабар Китаровиќ е Македонија да учи од искуството на Хрватска и со квалитетни домашни реформи да ги затвора поглавјата од пристапните преговори, затоа што се тие потоа значајни и за квалитетот на живот на граѓаните, и за државата. 

-Мотивирано работиме на реформите, заедно со сите политички и општествени чинители во државата, посебно по чистата неусловена препорака што ја добивме од ЕК и пораките што ги испраќа ЕУ кон Источна Европа, дека местото на овој регион е во Унијата. Многу ни значат искреното пријателство и големата поддршка што Република Хрватска ги даваше и ги дава на Република Македонија, а ние ќе продолжиме да даваме причини да ги олесниме тие заложби за интегративна иднина на нашата држава. Успеавме да изградиме и пријателство со соседите, има уште едно прашање кое што треба да го решиме, за кое што е потребна креативност во пристапот и не е неможно да се реши. Нашата цел е да добиеме датум за почеток на преговорите на нашата држава со ЕУ во јуни од Советот на ЕУ, што ќе биде силно охрабрување за граѓаните и институциите за перспективите на Република Македонија, но тоа ќе придонесе и кон стабилност и безбедност на цела Европа, рече премиерот Заев.

На работната вечера премиерот на Република Македонија, Зоран Заев и претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ се согласија дека двете држави подеднакво ќе се заложуваат за развој на културните, образовните и сите други права за етничките заедници во земјите. Премиерот Заев соопшти дека Македонија одлучно се развива во едно општество за сите граѓани. На средбата е договорено интензивирање и на економската соработка и зголемување на трговската размена.