26/11/2024
Македонија

Раѓањето на Свети Јован Предвесник и Крстител Господов

Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност празник посветен на раѓањето на Свети Јован Крстител.

Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел Свети Јован додека го покрстувал народот.

Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на Св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на Свети Јован Крстител, Собор на Свети Јован Крстител, итн. Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување Свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите токму на св. Јован му паднале кумството и побратимството.

Свети Петар – кључи од рајови,

Свет Илија – сиљни секавици,

Свети Јован – кумство, побратимство,

Неделица, празник да празнуват.

Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на св. Јован Крстител. Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања.

Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета и била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован“. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот.

Во младоста Јован го сакал животот во пустината. Живеел во некоја пустина во долниот тек на реката Јордан, се облекувал со ткаенини од влакна од камила, а се хранел со скакулци и мед од диви пчели и со корења од билки. Кога наполнил 30 години по божја волја ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот.

Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покајат и поправат за да им стане достапно царството небесно. Многумина помислиле дека тој е ветениот Спасител на што Јован одговарал: „“Јас не сум Христос. Тој е посилен од мене, јас не сум достоен ниту врвците на обувките да му ги одврзам. Јас ве крштевам со вода, а тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Мене Господ ме испрати да одам пред него и да му го подготвувам патот“.

Народни обичаи и верувања поврзани со Иванден

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.

Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи.

Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, кое што го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе „рутишчата“, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници“. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци.

Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале „Тајане“, а другите момчиња и девојчиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните каде што исто така, пееле песни и собирале подароци од кои потоа правеле заедничка вечера. Притоа се пеело:

Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване,

ункеши, ункеши, ункеши по маглата.

По магла, по магла, по магла ситна роса,

по роса, по роса, по роса мома боса.

Играле момите крај манастирот,

калуѓер гледа од пенџериња,

фрли си шапка на герамиди,

од герамиди на трендафилот,

белата брада на берберница

црната брада на касапница.

Кус опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден „ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глава, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: „Тајани, ѓанизмата кок’ за, ќи к’ за“ и др. Утрото ќе шетаат по куќите и ќе пеат та ќе му даваат кај пари, кај брашно, кај масло и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење. Во Крушево клаваат во ѓумот прстен и кај која ќе биди пообелен таа мома побрго ќе се мажи“.

Извор: www.mn.mk

За многу години!