22/11/2024
Македонија

Рангелова: Да се залагаме сите ние заедно да го подобриме статусот на жената во македонското општество

Интегрален текст од обраќање на Даниела Рангелова, Претседател на Унија на Жени на ВМРО-ДПМНЕ

Почитуван Претседател на ВМРО-ДПМНЕ, г-не Христијан Мицкоски

Почитувани членки на Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани членови на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани гости

Почитувани медиуми

Имам голема чест да се обратам денес пред оваа Унија на Жени, најбројната и најсилната женска организација во Република Македонија.

Моите чекори денес се насочени подеднакво кон вас, кои што сте присутни во салава, но и кон сите други членки на Унијата на Жени што денес не се со нас, но најважно и кон сите жени на Република Македонија. И кон жените кои што сеуште трпат неправди и понижување, а чиј глас сите ние мора да бидеме.

Има мигови кои не можеме, но мораме да ги издржиме. Има судбини кои не можеме да ги измениме, но мора да ги прифатиме вистините кои сега не болат, а мора да ги живееме. Затоа почитувани мои членки на Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ сакам од срце да упатам благодарност до секоја од вас, која во моментов е доследна на себе и на Организацијата, на секоја од вас која храбро го издржува секој удар на денешницата и сакам да ја поздравам Жаклина Пешевска која денес е со сите нас. Особено ми е драго што таа денес е со нас тука и што продолжи да оди и да чекори по патот кој што го имаме зацртано. Верувам дека правдата ќе излезе на виделина. Верувам во правосудниот систем и верувам дека Жаклина ќе го докаже тоа за кое што има докази и факти.

Затоа сакам да знаете и сите ви други жени, дека во овие моменти вие не сте сами. Сите ние заедно сме столбот, бедем што не може никој да го сруши, Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, организација на силни жени. Не постои ништо лошо во тоа да се биде силна жена. И на светот и на Република Македониј им се потребни силни жени. Постојат многу горди и силни жени кои ние не ги знаеме и не ги гледаме, а се прекрасно мајчински настроени. Тие одлучиле да останат невидливи, вели Џинџерс Роџерс. Огромна почит кон нив. Но јас овде во салава пред мене гледам независни, самоуверени и успешни жени, кои го слушаат своето срце и својот ум. Тоа ме прави особено горда што ве имам вас покрај себе, жени, докторки, професорки, шивачки, жени политичарки, грижливи домаќинки, столб во семејството и движечка сила во општетсвото. Но секоја од вас е приказна сама за себе, искрена, јасна и трајна. Денов Ви го посветувам Вам, драги мои пријателки, соработнички, членки, кои несебично работевте и ќе работите за интересите на секоја од нас, ќе работите за интересите на државата.

Среќна сум што сум дел од вас и што заедно го носиме исконскиот рефлекс како жени, мајки, заштитнички. Унијата на жени ќе биде двигател и инспирација за промени бидејќи знаете, убавината на жената не е во нејзиното лице, туку убавината на една жена е рефлектирана во нејзината душа. Таа е грижата која што таа ја дава и која што ја покажува. Убавината на жената велат расте со текот на годините, „Одри Херберт“. Не случајно жената е вечна инспирација на сите уметници. Така е поради тоа што жената е нешто најубаво и највозвишено. Алхемичарот создал волшебство со кое царува во светот а најголемото волшебство што го носи таа е што носи живот и што носи радост. Не постои уметник, поет во чии мисли не се нашол поимот „жена“. Жан Батист Поклен Молиер во едно од своите дела величејќи ја жената вели: „Жената е единственото суштество  што може да плаче и да се смее за една иста работа а честопати и во исто време“.

Поради таа наша природа често сме наградувани и уценувани. Но ние по природа сме добродетелки. На моменти многу емотивни но сепак најважно многу истрајни и издржливи. Такви сме ние жените!

Жените претставуваат еден голем и значаен дел од светската популација со несомнено големо влијание на сеопфатното општество. Велиме ако мажите претсавуваат кровот на една куќа, тогаш несомнено жените претставуваат темелот на таа куќа. И ако направиме низа компаративни анализи за местото на жената во светот па и во нашето општество, секако ќе забележиме напредок.

Почитувани мои,

Ние тука не треба да застанеме. Во светски рамки во науката имаме се повеќе жени кои што се јавуваат како добитнички на нобелови награди од сите области на науката како физика, литература што секако за нас претставува големо признание.

Во сферата на спортот жените постигнуваат се позначајни резултати во различните спортски дисциплини. Еве скоро и сега на ЗОИ 2018 година имавме можност да се восхитуваме на успесите токму на жени.

Дури и нашата женска ракометна екипа оставаше срце на терен додека освојуваше медали. Во чест на меѓународниот ден на жената би сакала да споменам и некои инспиративни, моќни жени кои придонесуваат во борбата за женските права и човековите права генерално. Ајда Велс, афроамерикански новинар и активист. Луфтија Ел Нади, прва жена пилот во Египед. Фрида Кало, сликарка и активист. Лина Бобарди, арихитект од Бразил и други.

Но овој пат би сакала да се задржам на борбата на македонската жена која е специфична и за нас посебно инспиративна и значајна.

Македонската жена секогаш низ историјата застанувала рамо до рамо со својот татко, сопруг, син кога требало да се одбрани родното огниште.

Како и секогаш и во 1901 година, во склад со тогашниот светски тренд, на самите почетоци на борбата на жените за своите права, во Македонија се јавуваат силни жени, образовани. Ќе ја споменам охриѓанката Констатина Ефтимова – Русинска. Македонска учителка и деец на Македонската Револуционерна Организација која застанала на чело на друштвото „Успение Богородичино“, чие мото било „кога ја ослободиме Македонија замислите жените ќе ги имаат истите права со мажите“.

Како и сите храбри македонски жени, чиј код го имаме ние и денес, само што ние рамо до рамо со мажите се бориме на демократски начин во политиката. Денес жената не е гласачко тело, туку е фактор кој со своето залагање менува закони во законодавниот дом. Носи промислени одлуки, превзема чекори за унапредување на правата на жените во сите пори од општественото живеење. Затоа што јас на овој ден, негледам само низ призма на освоени права, туку многу повеќе низ призма на стекнати одговорности.

Вистинските жени знаат дека права без одговорности се краткотраен блесок и привилегии кои ние ниту сме ги барале ниту пак ни требаат. Ние не сме во потрага по општествени попусти и угодувања, жените немаат потрба од тоа. Ние се бориме и посакуваме еднаква шанса за да докажеме дека можеме, сакаме и знаеме. Модерната демократија е незамислива ако не ги вклучува подеднакво и мажите и жените во процесот на одлучување како во јавниот, така и во политичкиот живот.

Затоа одтука ви се обраќам Вам почитуван претседателе Христијан Мицкоски, да ви кажам што јас како претседателка на Унијата на Жени, а и сите членки на Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ ќе очекуваме од Вас. Ние ќе очекуваме еднаквост на двата пола како во партијата така и во политиката. Ќе бармаме еднаква рамноправност во сите тела на партијата, можеби има тука малку мажи и ќе негодуваат, но ние од вас тоа го очекуваме. Ќе бараме на следните локални избори, да номинирате многу кандидатки жени за градоначалнички. Ќе бараме од Вас повеќе кандидатки за советничките и листите на парламентарните избори. И кога ќе дојдеме на влас и ќе правиме влада, ќе бараме повеќе жени во извршната власт. И заедно со Вас претседателе ние жените ќе се залагаме да има повеќе услови за жените вработени како во текстилната така и во кожарската индустрија и заедно со Вас ќе иницираме законски променио за тоа. Бидејќи покрај тоа што СДСМ донесоа закон за минимална плата во оваа индустрија, реално треба да кадеме дека, жените, вработените во текстилнати индустрија и во кожарската сеуште за жал не зимаат минимална плата, а и многу затајуваат и трудовите инспекции, затоа одтука ги повикуваме тоа што го ветија даси го остварат. Ќе се бориме да ставиме крај на насилството врз жените во оваа држава.

Да не молчиме веќе како полицајката Јасмина. Бидејќи денес е Јасмина утре сум јас задутре сте вие. Ги охрабрувам и невладините организации погласно да зборуваат за ова. Да кажеме не за насилството врз жените!    

Да иницираме законски решенија за еднакви месечни приходи и плати подеднакво и за мажите и за жените.

Да ја извадиме македонската рурална жена од маргинализираната положба.            

Да иницираме законски решенија, да се зголеми економската поддршка за жените од неразвиените подрачја.

Да ни помогнете претседателе, кога ќе бидете во можност, да се зајакне економското женско претприемништво.

Да се залагаме сите ние заедно да го подобриме статусот на жената во македонското општество.

Да не дозволиме веќе ни едно девојче да биде жртва на насилство, како што се случи во домот за деца без родители “25-ти мај“.

Еднаш во оваа држава некој да понесе одговорност, ама вистинска одговорност.

И, да се залагаме да ги унапредиме правата на бремените жени, на жените на повеќедетни семејства, и да ги заштитиме на крај нашите деца, кои што се нашата иднина, кои што во нив ја гледаме иднината на нашата држава.

 Унијата на жени ќе биде одговорно посветена за иднината на нашите деца, бидејќи почитувани мои членки, ние денес живееме во бурни времиња. Апелирам до сите вас, да продолжите да се однесувате одговорно како што денес тоа го правите. Онака како што најдобро само и вие знаете.

Драги мои сопартијки, наш успех е да кренеме глас, да се издигнеме над проблемите и да поведеме битка за наше добро, и добро на идните генерации на Република Македонија.

Ние денес, жените, треба да не заборавиме да говориме во името на нашите мајки, баби и прабаби, но исто така и во името на нашите ќерки, внуки и правнуки. Вашата и моја судбина е да се потрудиме да ја промениме ситуацијата во која е сега Република Македонија. Бидејќи, почитувани мои дами ова е наш живот, наш избор, наша одлука. А што понатаму ќе зависи од сите нас.

Јас верувам дека вашиот и мој пат е ист. Ве повикувам да продолжиме да дејствуваме кон заедничките цели. Верувајте можно е да се трансформира општеството во кое што живееме и да се промени. Од време на време ќе треба да почекаме да се подгорви и да се посее земјата. Во други сучаи време да се ожнее тоа што сме го посеале.

Бидете активни во политиката, на човештвото му треба секоја од вас. Бидете горди што сте жени, мудри, достоинствени, храбри и силни, а истовремено нежни и внимателни. Бидете такви уште долги години.

Среќен ви осми март мои дами.

Некои ни посакуваат и најлошото, некои сакаат да се поделиме, некои сакаат да се распаднеме. Јас одовде, од оваа говорница сакам да им порачам. Нема да успеат. Ве уверувам, ве гледам дека имате сила и мотив, ВМРО-ДПМНЕ да се врати на власт и повторно да им служи на граѓаните. Нема да не скршат.

ВМРО-ДПМНЕ знае, може и успее. ВМРО-ДПМНЕ е жесток противник на сите политики на владата кои нема да бидат во интерес на граѓаните.

Граѓаните не бараат реваншизам туку бараат реформи. Нивното барање е и барање на ВМРО-ДПМНЕ. Реформите можат да бидат успешни само ако за нив е постигнат широк консензус, и од власта и од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ има одговорност пред граѓаните на Република Македонија.