22/11/2024
Македонија

Расчистен случајот со оставеното новороденче во Битола: Поднесени кривични пријави за три лица

Секторот за внатрешни работи Тетово и Секторот за внатрешни работи Битола целосно го расчистија случајот со новороденчето, кое на 2 јули годинава беше оставено и пронајдено пред Домот за доенчиња во Битола и поднесоа кривични пријави против три лица: малолетната мајка на бебето, нејзиниот невенчан сопруг и нејзиниот татко.

Поради основи на сомнение дека сторилa кривично дело „напуштање немоќно дете“ поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против 17-годишната мајка од Желино (член 200 од КЗ на Република Македонија).

Поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „вонбрачен живот со малолетно лице“ ( член 197 од Кривичниот законик на Република Македонија) до ОЈО Тетово пријавен е 27-годишниот Ш.А. од тетовското село Долна Лешница, а за истото дело се сомничи и 38-годишниот Б.А. од тетовско Желино, кој и допуштил, односно и дозволил на малолетничката да живее во вонбрачна заедница со друго лице.