23/11/2024
Спорт

Распродадена Националната арена „Тодор Проески“ за натпреварот Македонија – Косово

Македонската А репрезентација на 26. март на Националната арена ќе се соочи со репрезентацијата на Косово во плеј – оф дуелот за пласман на Европското првенство 2020. Влезниците за натпреварот веќе се распродадени.

Доколку нема било какво барање, препорака или евентуална забрана за присуство на гледачи од надлежните државни инстутуции поради корона вирусот, тогаш македонските фудбалери пред полн стадион ќе го одиграат натпреварот против Косово.

Им се заблагодаруваме на македонските навивачи за поддршката која им ја даваат на фудбалерите и се радуваме на одличната атмосфера на Националаната арена „Тодор Проески“.

Исто така, благодарност до навивачите за трпението при процесот на купување на влезници.

Потсетување до сите навивачи и поддржувачи на нашата најдобра репрезентација дека на денот на натпреварот со себе треба да носат документ за лична идентификација бидејќи при влегувањето на Националната арена за натпреварот на 26. март, редарската служба (претставници на Министерство за внатрешни работи) ќе ја проверува точноста на личните податоци од влезниците и нема да им овозможи влез на трибините на оние навивачи кои под друго име ќе се обидат да влезат на Националната арена. Предупредуваме навивачите да не купуваат влезници на т.н. „црн пазар“ со други податоци на влезниците.

Ги повикуваме сите гледачи, поддржувачи и навивачи на македонската репрезентација со фер и коректно навивање да им помогнат на нашите фудбалери да стигнат до вредна победа и да ја доближат Македонија до пласман на ЕВРО 2020.