Раст на БДП во третиот квартал од 3,6%, невработеноста се намали на 17,1%
Економските политики на Владата на Република Северна Македонија продолжуваат да даваат резултати што се рефлектира со пораст на бруто домашниот производ од 3,6% и намалување на невработеноста во третиот квартал на 2019 година на рекордно ниски 17,1%.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека просечниот раст на БДП во изминатите три квартали во 2019 година е на ниво од 3,6%, што е во рамките на проекциите на Владата за годишниот раст на БДП. Растот на БДП во третиот квартал е поттикнат од растот на бруто инвестициите кои бележат раст од 14,9%.
Според соопштението на ДЗС, во третото тримесечје од 2019, најголем пораст е забележан во секторите рударство и вадење на камен; преработувачка индустрија; Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 6.8 %; во секторот градежништво се бележи раст од 5.5 %, додека во секторите трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; транспорт и складирање; објекти за сместување и сервисни дејности со храна е забележан раст од 4.9 %. Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2019 година, номинално расте за 4.6% а нејзиното учество во структурата на брутодомашниот производ изнесува 65.6 %.
Во исто време, денес Државниот завод за статистика, ги објави статистичките податоци во врска со активното население во државата. Невработеноста во третиот квартал на 2019 година е намалена на рекордно ниски 17,1%, при што само во овој период отворени се нови 5.263 работни места и во моментов има 799.546 вработени. Во споредба со вториот квартал на 2017 година, кога е формирана Владата невработеноста е намалена за 5,5 процентни поени, а во перидот од 9 квартали вкупно се отворени 59.564 нови работни места.
Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи со имплементација на економските политики со кои се поддржува реалната економија, технолошки развој и внесување на инвации во компаниите, како и отворање на нови подобро платени работни места, за повисоки стапки на економски раст и одржливост на економијата.