Реакција од Општина Охрид во врска со прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид
Општина Охрид испрати реакција до медиумите во врска со прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ – Охрид.
„Во интерес на правилно информирање на јавноста за една сензитивна и исклучително важна тема како што е образованието, ќе се воздржиме од толкување на тезите изнесени на прес-конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ и ќе се сконцентираме на фактите.
Фактите го говорат следното:
– Пред само два дена се одржа, 16-та седница на Градскиот совет, на која поминаа без никаков проблем годишните извештаи и програмите за работа на охридските основни и средни училишта, како и на детската градинка „Јасна Ристеска“. Ве прашуваме зошто не ги соопштивте таму јасно и гласно своите ставови. Зборувате за европски норми и принципи, а не сте ги совладале основните правила, обврски и услови за работа на Локалната самоуправа.
– Зборувате за проектот за рано изучување на германскиот јазик во по една паралелка во генерација во ОУ „Григор Прличев“ и дека истото не се одржува само затоа што „директорот не го продолжува“. Во интерес на соодветно информирање на јавноста мора да се знае дека проектот „ Рано изучување на германскиот јазик“, кој е поддржан од „ Гете- Институтот“ е само еден мал дел од партнерството помеѓу „Гете – Институт“ од Скопје и ОУ „Григор Прличев“ од Охрид, едно од трите партнер-училишта на Институтот во Република Македонија. Партнерството помеѓу училиштето и институтот се заснова врз сериозни принципи како:
- Постојана обука на наставен кадар во Република Германија и регионот;
- Стипендирање ученици од завршните одделенија (9 одделение) за изучување на јазикот на тринеделен камп во Република Германија;
- Учество на филмски, театарски и музички фестивали во Република Македонија, кои се во организација на „ Гете- Институт од Скопје;
- Можност за полагање сертифицирани испити;
- Учество на јазични работилници и кампови;
- Одржување настава во современо опремена просторија од страна на Институтот.
Што се однесува конкретно за проектот „Рано изучување на германскиот јазик“, како дел од партнерството, во 2010 година беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу МОН, БРО, Училиштето и Гете Институт што подразбираше и поддршка и од Министерството за образование и од Бирото за развој на образованието за одржување на овој проект во сите потребни и законски сегменти. Истиот беше со времетраење од 3 години со тоа што Комисијата за еваулација оцени истиот да се продолжи уште за две години врз основа на одличните резултати кои ги покажа училиштето. Овој Меморандум и Одобрение во моментов е истечен и не е активен. Училиштето нема законска рамка според која оваа година би го продолжило проектот кој во моментов не е одобрен од МОН. Со оглед на интересот на родителите, но пред се` на учениците, училиштето е во контакт со Институтот кој исто така настојува за продолжување на проектот за што и обете страни се надеваат на позитивен исход и одговор од МОН.
Ја информираме јавноста дека учениците кои се во понапредни одделенија, ќе го учат јазикот по план и програма одобрена од МОН и БРО за германски јазик како втор странски јазик во основното образование со што наставниците кои предаваат во овие паралелки, имајќи ги во предвид предзнаењата на учениците, ќе им ги надополнуваат тематските целини дополнително со уште нови содржини како додатен материјал, за нивниот спектар на знаења постојано да се проширува. Партнерството несомнено останува и е дотолку повеќе зацврстено што по извршената Еваулација од страна на Гете Институт во декември 2016 година, ОУ „Григор Прличев“ од Охрид се најде меѓу првите училишта кои покажуваат најдобри резултати по извршените тестирања и хоспитации на ученици и наставниците и за таа цел во фебруари 2017 година се потпиша Меморандум за продолжување на партнерството помеѓу Училиштето и Институтот.
На прес-конференцијата прашавте „дали тоа значи дека повеќе нема да има стипендирани ученици во училиштето и надоградување на нивното знаење?“
Ја информираме јавноста дека најдобрите 10 ученици од 9-ти одделение и оваа година (по проверување на сите пријавени кандидати од страна на сертифицирани испитувачи од Гете Институт ) ќе добијат бесплатен 4 месечен курс по германски јазик. По завршување на курсот сите 10 ученици ќе имаат можност бесплатно да го пола гаат испитот Fit in Deutsch 2 во Гете Институт Скопје. Оние кои што ќе го положат успешно истиот ќе се здобијат со меѓународно признат Сертификат за познавање на германскиот јазик на ниво А2. Училиштето беше и се планира повторно да биде домаќин на Јазичен летен камп како Партнер- училиште на кој ќе земат учество ученици од ОУ „Григор Прличев“, но и од останатите две партнерски училишта од Скопје, од Косово и од Албанија.
Со цел за модернизација на наставата и во знак на успешната соработка, Училиштето од Гете Институт ќе добие куфер со I-pad-и кои ќе бидат наменети исклучиво за наставата по германски јазик во ова училиште Дополнително, наставниците постојано и без прекин се обучуваат и online и со фази на присутност во регионот.
За крај, што се однесува до учебниците – елементарното познавање на приликите говори дека истите се под ингеренција на МОН. Ја информираме јавноста и родителите дека учебниците се веќе пристигнати, со исклучок на еден до два учебници. Од страна на секторот за образование е постапено соодветно законските норми и е испратено барање до соодветните служби при МОН и учебниците ќе бидат дистрибуирани до учениците, веднаш по нивното пристигнување.“ – стои во реакцијата од одделението за односи со јавност при Општина Охрид.