Реализиран е првиот извоз на производи од риба на европскиот пазар
Реализиран е првиот извоз на производи од риба на пазарот на соседна Грција, по ставањето на Република Македонија на листата земји чии објекти се одобрени за извоз на ваков тип производи на пазарот во Европската унија во септември годинава. Компанијата “Метро”од Скопје, која вчера ја посети директорот на Агенција за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, деновиве го реализира првиот извоз на производи од риба на пазарот во соседна Грција, по добивањето на одобрението од страна на Европската комисија.
Отворањето на европскиот пазар, како што истакна директорот Атанасов на средбата со менаџерскиот тим на компанијата, отвора нови перспективи за развој на компаниите од рибниот сектор во Република Македонија, но, пред се, за интензивирање на домашното производство на риба за што како земја имаме солиден потенцијал за развој.
„Преку оваа компанија, но и преку други кои ќе ги исполнат европските критериуми и ќе бидат одобрени за извоз, на пазарот на ЕУ покрај производите од риба, ќе може да се пласира и риба до домашно производство, за што во процедура е добивањето на одобрение од ЕУ за извоз на жива риба. Како институција, спроведуваме мониторинг на одредени болести кај рибите од видот пастрмка и крап, врз основа на што очекуваме да бидеме прогласени за земја со статус слободна од болести , врз основа на што очекуваме да добиеме и дозвола за извоз во Европската унија. Отворена е врата на ЕУ, но, и производителите мора да ги исполнат европските стандарди за да можеме да извезуваме и риба на овој голем пазар“– рече тој.
Јован Милошески, директор во “Метро” посочи дека реализираниот извоз на пазарот во соседна Грција е плод на досегашната плодна соработка со трговските партнери од оваа земја од каде компанијата увезува свежа риба и морски плодови.
„Добивањето на дозволата за извоз на пазарите во ЕУ покрај постоечките отвори и нови пазари. Интерес за соработка има од компаниите од рибниот сектор од соседните, а по отворањето на европскиот пазар и од компании од Словенија, Шпанија и од Холандија. Перспективи за развој има и во примарното производство кое ја има поддршката од државата и во трговијата со риба и производи од риба. На нас останува да ги подигнеме стандардите“- заклучи Милошоски на средбата.
Добивањето на дозволата за извоз на производи од риба на европскиот пазар уследи по извршената ревизија од страна на инспекциски тела на ЕУ и по проверката на контролниот безбедносен систем за храна во земјава.