Реформи во МВР за враќање на довербата кај граѓаните
Во Министерството за внатрешни работи во тек се сериозни реформи, кои имаат за цел да го вратат угледот на министерството и да ја вратат довербата кај граѓаните. Актуелното раководство на МВР ги презема неопходните мерки за надминување на состојбите кои ги затекна во министерството, како недостаток од опрема и униформи за полицијата, несоодветна кадровска поставеност односно лица со несоодветно образование на раководни позиции, објекти на полицијата во исклучително лоша состојба, заостанати долгови кон домашни и странски компании, негативни оценки за партизација и политизација…
Ставот на раководството на МВР е дека само задоволна и мотивирана полиција и вработени можат да ја гарантираат безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните. Токму затоа, се вложува многу за реализација на проекти за подобрување на работните услови. Се набавувааат нови униформи за полициските службеници, се реновираат полициските станици, во тек се постапки за набавка на опрема која ќе им служи на полициските службеници.
Свесни за несоодветното однесување на вработените, кое во минатото не само што било толерирано, туку и поттикнувано, превземени се сериозни активности за зајакнување на капацитетите на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди и отпочнување со проект за воспоставување на надворешен независен механизам за контрола. Започнавме и реформа на системот на следење на комуникациите. На предлог на министерството, на УБК ѝ се одзеде посредничката улога за прислушкувањето, со чија помош изминатиот период беше направена најголемата, историска злоупотреба на оваа институција. Со цел ограничување на употребата на средствата за присилба кои можат да се употребат спрема група, како што се физичка сила; полициска палка; електричен парализатор; хемиски средства; гумен пиштол; службени кучиња; специјални возила за јавен ред и мир и пиротехничко-експлозивни средства, беа усвоени и измени на Законот за полиција со кои се надминаа недореченостите во поглед на дискреционото право на полициските службеници за примената на средствата за присилба и се прецизира рангот на полициски службеник кој ја одобрува употребата на овие средства.
Во периодот кој следи ќе се работи на зајакнување на капацитетите за борба против организираниот криминал и корупција, како и зајакнување на капацитетите за справување со тероризам и насилниот радикализам. Ќе почнеме и со реформа на УБК, со цел Управата да се деполитизира и да ја врати својата суштинска задача, а тоа е контраразузнавањето во интерес на државата.
Во наредниот период акцент ќе биде ставен и на воведување на позорната служба во што е можно поголем број градови во државата. Полицијата да биде вистински сервис на граѓаните. Проектот за т.н. маалски полицаец почна со имплементација во Куманово, каде има 70 позорникари кои покриваат 17 реони и веќе ги дава соодветните резултати. Позорната служба има исклучително значење во делот на превентивното работење, зближување со граѓаните, познавањето на средината во која работи позорникарот и градење на врската полицаец-граѓанин. Можноста за правовремено информирање, познавањето на средината и околностите, можноста за постојана комуникација со граѓаните, се атрибути што од позорникарството прават неопходен инструмент што многу ги олеснува натамошните фази од полициските постапки, независно за која од областите на криминалитет станува збор. Веќе се завршени сите неопходни подготовки и овој проект многу скоро ќе се имплементира во Кочани, Тетово, Гостивар и Кичево. Потоа ќе продолжиме со воведување на позорната служба во Штип, Струмица, Валандово, Гевгелија и други градови.
Министерството за внатрешни работи во наредниот период големо внимание ќе посвети и на состојбата во сообраќајот, како во поглед на засилена превенција така и во поглед на санкционирање на граѓаните кои ги кршат сообраќајните правила и на тој начин ја загрозуваат и својата, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Набавени се нови 30 радари, 80 апарати за контрола на алкохол кај возачите, како и друга опрема што ќе се искористи за подобрување на безбедноста во сообраќајот.