22/11/2024
Македонија

„Регионален самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – 300 Најдобри“ во Дубровник

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ учествуваа на шестиот „Регионален самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – 300 НАЈДОБРИ“, кој од 22 до 24 март 2019 година се одржа во Дубровник, Република Хрватска.

Во своето обраќање пред учесниците на самитот министерката Зорица Апостолска порача дека со зачленувањето во НАТО и цврстата определба за отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, Владата на Република Северна Македонија внесе политичка стабилност и заедно со економските политики креира опкружување кое делува охрабрувачки за припадниците на бизнис заедница своите идеи да ги издигнуваат на повисоко ниво.

„Како Владата посветено работиме на поддршка на духот на претприемиштвото во нашата економија, нудиме поддршка, и тоа конкретна, финансиска, за сите кои воведуваат промени и иновации во економската активност, кои имаат креативни идеи. Претприемачкиот дух го поддржуваме во развивањето на нови механизми за освојување на пазари, за воведување на нови технологии и начини на организација на деловната активност“, рече министерката Апостолска, притоа нагласувајќи дека Владата и понатаму останува фокусирана на создавање на функционална и конкурентна пазарна економија.

Осврнувајќи се на вториот „Светски Конгрес на претприемачи“, кој во октомври годинава ќе се одржи во Скопје, министерката Апостолска нагласи дека како природна последица на позитивните трендови на препримништвото во Северна Макадонија произлезе и одлуката на Владата да ја прифати иницијативата на Меѓународниот економски форум – Перспективи, Република Северна Македонија да биде земја домаќин на овој конгрес, со уверување дека развивањето и унапредувањето на претприемачката култура и соработка е важна за развојот на економијата на секоја земја.

Министерот Зоран Шапуриќ говерејќи за значењето на државните институции во развивањето на соработка помеѓу бизнис заедниците од регионот, истакна дека нивната примарна задача е преку соработка со бизнис заедницата и стопанските комори да работата на создавање на поволна клима и регулатива која ќе ја стимулира и олеснува деловната активност.

„Државата и бизнисот потребно е да бидат партнери, да развиваат интерактивен дијалог во креирањето и реализацијата на политиките кои го олеснуваат регионалното економско поврзување помеѓу земјите“, рече министерот Шапуриќ, притоа нагласувајќи ја потреба од олеснување на прометот со стоки и услуги преку редуцирање на админситративните и царинските бариери во регионот на Средна и Југоисточна Европа.

„Добра работа за економијата е што земјите од регионот имаат јасно дефинирана цел за членство во ЕУ, дел од земјите се кандидати, а дел и веќе се полноправни членки на ЕУ, со што имаме стабилен политички амбиент за развивање и продлабочување на економската сорабоката“, рече Шапуриќ.

Шестиот „Регионален самит на претприемачи на Средна и Југоисточна Европа – 300 НАЈДОБРИ“ е во организација на Меѓународниот економски форум – Перспективи и на истиот земаа учество претставници на над 200 компании од регионот на Средна и Југоисточна Европа, вклучително и над 30 компании од Република Северна Македонија. Основната цел на одржувањето на самитот е промоција на значењето на претприемништвото за економскиот и општествениот развој и давање на допринос за развој на претприемништвото во регионот.