Pегионална Kонференција за промените во стручното образование во земјите од Западен Балкан
Стручното образование мора да биде пофлексибилно кога е во прашање неговото прилагодување кон потребите на пазарот на трудот, бидејќи само така ќе се создаваат ученици со соодветни знаења, вештини и компетенции, со кои веднаш по завршувањето на образовниот процес ќе можат да се вработат и да одговорат на барањата на работодавачите.
Ова го истакна министерот за образование и наука, Арбер Адеми кој учествува на дводневната Pегионална конференција посветена на промените во областа на стручното и техничкото образование во земјите од Западен Балкан, која се одржува во Берлин, во организација на Германското Федерално Министерство за економска соработка и развоји Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Во своето обраќање пред учесниците, министерот Адеми нагласи дека Владата на Република Македонија е свесна за важноста на стручното образование и во тој контекст интензивно работи на унапредување на неговиот квалитет, но и на подигнување на атрактивноста со цел што повеќе ученици да се одлучуваат за овој тип на образование кој обезбедува полесна трансформација од образование кон работа.
„За квалитетно стручно образование не можеме да зборуваме доколку, повеќе внимание посветуваме на теоретското знаење, а помалку на практичните вештини и компетенции на учениците. Затоа пристапивме кон зголемување на часовите по практична обука, не само во училиштето, туку и во компанија кај работодавач, што е одлична средина за учење и развој на вештини за исполнување на работните задачи. Паралелно работиме и на модернизација на постојните и воведување на нови, таканаречени модуларни наставни програми во училиштата кои се засноваат на резултатите од учење и оценување на резултатите од учењето“, рече Адеми додавајќи дека голема придобивка се очекува и од дуалното образование, кое по примерот на развиените европски земји, започнува од годинава и ќе се имплементира етапно.
На конференцијата и останатите учесници ги изнесуваат позитивните практики и искуства во делот на реформирање на стручното образование и обука во земјите од кои доаѓаат. На крајот се очекува да бидат сумирани заклучоци и препораки за генерално постапување на земјите од Западен Балкан со цел унапредување на образовната сфера која за сега, продуцира недоволен број на кадри за придонес кон одржлив раст на Pегионалната економија.