Регионална конференција за систематски решенија за лицата без документи од ромската заедница
Заменик министерот за труд и социјална политика Елми Азири, министерот за задолжен за имплементација на Националната стратегија за Ромите Самка Ибраимовски и заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдстајн се обратија на Регионалната конференција за систематски решенија за лицата без документи од ромската заедница на која беа споделени регионалните практики за процесот на инклузија на лицата без документи од ромската заедница. Правото на државјанство е основно човеково право и согласно со член 15 од Универзалната декларација за човекови права од 1948 година секој човек има право на државјанство и на ниту едно лице не смее произволно да му се одземе државјанството. Меѓу оние кои се засегнати со проблемот со документи за лична идентификација се вбројуваат лицата кои се постојани жители на државата и припадници на етнички малцинства.
„Многу извештаи укажуваат дека припадниците на Ромската етничка заедница се соочуваат со тешкотии при добивањето на лични документи или со недостиг на истите. Сепак не постојат прецизни податоци за точна бројка на лица кои се соочуваат со ваков вид на проблем во Република Македонија и пошироко во регионот. Причината за непристапноста на Ромите до документи е од една страна неинформираноста како да дојдат до истите, а од друга страна и финансиската состојба на оваа етничка заедница”, рече во своето обраќање заменик министерот за труд и социјална политика Елми Азири.
Со цел создавање на цврста основа и помагање на социјалното вклучување на маргинализираните Роми, меѓуресорска работна група координирана од Министерството за труд и социјална политика започна со Акција на терен за регистрирање на неевидентирани лица во матичните книги на родени.
Во оваа акција покрај ресорните министерства и Управата за водење на матичните книги на родени, се вклучени и Ромски Невладини Организации, Ромски информативни центри и Организацијата на млади правници.
Овие позитивни активности треба да го адресираат циклусот на исклученост кој се пренесува генерациски и кој придонесува за поголема сиромаштија, социјална маргинализација, ниско ниво на образование, чести миграции, деца на улица, непристапност до инфраструктура и други негативни појави. На конференцијата се обрати и министерот задолжен за имплементација на Националната стратегија за Ромите Самка Ибраимовски кој најави измени во Законот за матична евиденција и системско решение на проблемот на лицата без документи за целосна инклузија на Ромите во сите области.Регионалната конференција за систематски решенија за лицата без документи од ромската заедница е во организација на Мисијата на ОБСЕ, во соработка со Министерството за труд и социјална политика.