Републичка кампања за поголема безбедност во сообраќајот „Го сакам градот безбеден“
Во организација на Републичкиот и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, на 07.07.2018 година (сабота), во Охрид ќе отпочне републичката кампања за поголема безбедност во сообраќајот „Го сакам градот безбеден“. Во рамките кампањата што во Охрид ќе трае од 07.07.2018 до 14.07.2018 година, ќе се реализираат различни превентивни активности од едукативен и превентивен карактер со цел подигнување на јавната свест за поголема одговорност и на степенот на сообраќајната култура кај сите учесници во сообраќајот.
Предвидените активности започнуваат на 07.07.2018 година во 10 часот со велосипедско дефиле „Дојди на точак во 10“ кое ќе почне во десет часот од градското пристаниште. Во дефилето ќе учествуваат велосипедисти од вело клубовите од Охрид како и граѓани рекреативци, по следната траса: градското пристаниште-кеј „Македонија“-хотел „Гарден“-„Асном“ кружен кон булевар „Туристичка“-кружен кај гимназија-„Димитар Влахов“- „Македонски просветители“ пристаниште.
За успешна реализација на предвидените активности насочени кон сите целни групи, а посебно кон ранливите категории учесници во сообраќајот, ќе се погрижат и Локалната самоуправа како и СВР Охрид.
„Целта на оваа сообраќајна манифестација е, едукација и издигнување на сообраќајно-безбедносната култура кај граѓаните, јакнење на совеста за одговорно учество во сообраќајот, а посебно кај ранливата категорија како и севкупно подобрување на безбедноста во сообраќајот. Со цел успешна реализација на велосипедското дефиле „Дојди на точак во 10“ и успешен почеток на неделата на безбедност во сообраќајот „Го сакам градот безбеден“ во Охрид, упатуваме покана за учество до сите граѓани на Охрид, до локалната самоуправа, до велосипедските клубови, невладините организации, до новинарите и до сите останати заинтересирани вело рекреативци, да се приклучат на манифестацијата.“ – истакна претседателот на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – Охрид, м-р Стефан Димоски.