Рестораните повторно ќе работат до 21:00 часот; Пензиите, просечно повисоки за 185 денари
Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница, по препорака на Комисијата за заразни болести, донесе измени на одлуката на работното време на рестораните и другите угостителски објекти согласно која од 21 јануари се укинува одлуката за ограничување на работното време на рестораните и другите угостителски објекти за работа до 18:00 часот.
Со одлуката од денешната седница се враќа работното време на овие објекти утврдено со претходната одлука, односно тие ќе можат да работат до 21:00 часот, со исклучок на рестораните и другите угостителски објекти на аеродромите, на бензинските пумпи и во хотелите кои од 21 јануари ќе можат да работат со редовното работно време согласно законот.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на пензии за месец јануари 2021 година, кои согласно законското усогласување што се врши според движењето на индексот на трошоците на животот ќе бидат повисоки и тоа најниските пензии за 134 денари, а просечната пензија ќе биде повисока за 185 денари и со нив ќе можат да располагаат преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 26.01.2021 година.
Пензиите за граѓаните кои не користат картички ќе бидат исплатени во четири групи според следниот распоред согласно висината на пензијата:
- За пензии со висина до 11.000 денари, исплата да се изврши на 26.01.2021 година (вторник);
- За пензии со висина 11.001 – 14.000 денари, исплата да се изврши на 27.01.2021 година (среда);
- За пензии со висина 14.001 – 18.000 денари, исплата да се изврши на 28.01.2021 година (четврток), и
- За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 29.01.2021 година (петок).
На оваа седница Владата ја разгледа и усвои „Информацијата со Предлог план за преземање на нераспоредените административни службеници од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вработени преку К5 програмата“.
Согласно Планот кој денеска беше усвоен, опфатени се вкупно 1.349 вработени по К5 програмата кои ќе бидат распределени на конкретни работни задачи во 237 институции.
Целта на Планот е вработените да бидат распоредени во друга институција од јавен сектор во соодветно место на исто ниво односно на работно место за кое вработениот ги исполнува општите и посебните услови утврдени во актот за систематизација на работни места во институцијата во која се распоредува.
При изработка на планот земена е во предвид моменталната состојба на соодветна и правична застапеност на етничките заедници во институциите кои треба да преземат вработени, потребата од зголемување на бројот на човечки ресурси во тие институции, како и моменталните слободни работни места во тие институции.
На денешната седница Владата донесе одлука за укинување на увозните давачки – царинските стапки на одделни суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија со цел да ги олесни условите за работење на овие компании и да овозможи да се зголеми нивната конкурентност во услови на пандемија и отежнато работење на компаниите од преработувачката индустрија.
Предлог листите на производи опфатени со оваа одлука, која е првата усвоена одлука од новиот Пакет 5 економски мерки за справување со последиците од КОВИД-19, се изготвени од страна на Стопанската комора на Македонија по извршена консултација со компаниите членки на Стопанската комора од секторите на метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија.
Со оваа одлука компаниите ќе бидат ослободени од царинските давачки за една година кои во 2019 година изнесуваа 162,4 милиони евра со цел да се зголеми извозната конкурентност на преработувачка индустрија.
Владата денеска ги утврди текстовите на Предлог-законот за изменување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта и на Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, заради усогласување со законските решенија во Законот за употреба на јазиците, како и од аспект на рокот на замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот ,,Република Македонија“ со патни исправи со новото уставно име на државата, запазувајќи го рокот наведен во членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија.
Предлог-законот за изменување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, како и Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, ќе бидат доставени на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија во редовна постапка.
На оваа седница министрите во Владата го утврдија Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за електронски комуникации.
Целта на измените и дополнувањата на Законот за електронските комуникации е да се ограничи, забрани и/или наметне специфични барања и услови базирани на процена на ризик, во однос на снабдувањето, употребата и работењето на опремата за електронските комуникациски мрежи, со цел да се обезбедат „чисти и безбедни електронски комуникациски мрежи“.
Измените и дополнувањата на Законот ги земаат предвид и безбедноста на критичните и чувствителни делови на електронските комуникациски мрежи, безбедност на самата опрема или околината (употреба, интерконекција итн.), ризикот од инволвирање на трета земја во ланецот на снабдување на опрема за електронските комуникациски мрежи, ризик од голема зависност од еден добавувач и производител на ниво на оператор на национално ниво, како и да се елиминираат ризици за националната безбедност.
На оваа седница Владата ја усвои својата Програма за работа во 2021 година, која е целосно во функција на остварување на стратешките приоритети како што се обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните; справување со светската пандемија предизвикана од пандемијата со КОВИД-19; успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија; владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба; против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност; квалитетно образование достапно за сите согласно побарувачката на пазарот на трудот; модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти; целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава со етничка и социјална кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување; и заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето влијанието на климатските промени.
На предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата денеска ја донесе Програмата за инвестирање во животната средина за 2021 година за која за оваа година се предвидени средства во износ од 98.000.000,00 денари.
Доделувањето на средствата за проекти од оваа Програма ќе биде врз основа на дефинирани критериуми кои ќе го земат во предвид и критериумот за рамномерен регионален развој, согласно степенот на развиеност на планските региони во Република Северна Македонија, утврдени во Јавниот конкурс, а дел од нив се наменети за поддршка на мерки и активности за намалување на загадувањето на воздухот и за мерки за заштита и унапредување на природата.
Владата денеска ја донесе и Програмата за водостопанство за 2021 година која се донесува за прв пат и за која во Буџетот за 2021 година се издвоени 916,000,000.00 денари.
Средствата од Програмата за водостопанство за 2021 ќе бидат наменети за изградба, реконструкција, набавка и одржување на основните водостопански објекти за наводнување и надзор над изведбата; за изготвување елаборати, студии и техничка документација за реконструкција и рехабилитација на инфраструктурата во системите за наводнување; за обврски по започнати и недовршени работи по веќе склучени договори од претходните години за изградба на Брана Конско, за изградба на Брана Речани со придружни објекти и за изградба на Главен довод од ХС Равен – Речица.
Владата на Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со доставениот Повик за донација од Здружението на граѓани ОБНОВА НА ГЛОБАЛ – Струмица и донесе заклучок да им препорача на органите на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, на единиците на локалната самоуправа во Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како на приватниот сектор имајќи ги предвид хуманизмот и солидарноста како темелни вредности на уставниот поредок, во рамките на своите финансиски можности да донираат средства на Здружението на граѓани ОБНОВА НА ГЛОБАЛ – Струмица со цел обновување и реконструкција на опожарениот објект на ГТЦ Глобал – Струмица.
На денешната седница е прифатена препораката на Комисијата за економски систем и тековна економска политика на Владата на Република Северна Македонија и донесен е заклучок дека сите финансиски извештаи и извештаи за работење (тромесечни, полугодишни и годишни) кои се доставуваат на разгледување во Владина постапка, нема да бидат разгледани на Комисијата за економски систем и тековна економска политика, доколку листата од 22 обврзувачки информации и документи со кои се обезбедува отчетноста на општината не се објавени на веб страниците на предлагачите, со единствена цел да се поттикне отчетноста, транспарентноста и отвореноста на локалните самоуправи, согласно Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија.