Ревидиран списокот на лектири за основното образование
Од Министерството за образование и наука информираат дека Бирото за развој на образованието изготви нов предлог-список на лектири за основното образование (од второ до деветто одделение).
Списокот на лектири се освежува и дополнува за да биде во чекор со интересите на учениците, односно да го поттикне и зголеми интересот за книгата кај младите читатели преку зближување на содржините на лектирите со современите трендови и интереси на ученикот.
Исто така, ревидирањето на списокот на лектири се прави со цел да им даде слобода на наставниците во нивната работа и да се збогати изборот на лектири со кој тие би можеле да работат низ годините.
Овој предлог го доставуваме на јавен увид и дебата со цел стручните лица во Република Македонија да се произнесат за новиот список за лектири.
Наставниците од основните училишта се поканети да се вклучат во јавната дебата и да го искажат своето мислење во однос на списокот за лектири, а предлогот ќе биде доставен за мислење и до универзитетите во Република Македонија, како и до Друштвото на писатели на Македонија.
Списокот е објавен на веб страницата на МОН со покана за коментари и предлози од страна на сите заинтересирани лица. Предлозите можете да ги доставите на lektiri@mon.gov.mk, и во архивата на Министерството за образование и наука (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54). Крајниот рок за доставување предлози е 26 март 2018 година.
Во моментот се подготвени списоците за лектири за наставата која се одвива на македонски, албански и турски наставен јазик, а во тек е изготвување на списокот за лектири на другите јазици на кои се изучува основното образование.
Ревидираните списоци на лектири можете да ги преземете подолу: