22/11/2024
Спорт

РК Охрид ќе игра за престиж против лидерот Пелистер

РК Охрид утре во 19:00 часот во Спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид, ќе го одигра последниот натпревар од регуларниот дел од ВИП Суперлигата во натпреварувачката 2017/18.

„Утре го играме последниот натпревар од регуларниот дел од Суперлигата го пречекуваме лидерот Пелистер. Иако овој натпревар нема некое големо резултатско значење, ние сепак ќе играме за престиж и доуигрување на екипата, се надевам дека ќе ги задоволиме апетитите на охридската публика и овој натпревар нека биде увертира за тоа што следува во плеј-офот.“ – изјави капитенот Крсте Андоновски.

Иван Тасески, како поранешен играч на Пелистер, вели дека и покрај квалитетот на противникот, РК Охрид нема да излезе со бело знаменце, туку ќе го даде својот максимум.

„Минатата сезона бев во Пелистер, тие имаат голем ростер, но ние сигурно нема да излеземе со бело знаменце, иако натпреварот е без резултатско значење, ќе го дадеме нашиот максимум, се подготвуваме за овој натпревар и да ја подигнеме формата за плеј-офот.“ – изјави Иван Тасески.

На прес-конференцијата присуствуваше и охридскиот градоначалник Јован Стојаноски.

„Ракометниот клуб Охрид заслужува да добие поддршка, утре не е беззначаен натпревар, така и спортистите треба тоа да го сфатат, затоа што тие се финансирани со парите на граѓаните, затоа сум тука, да ги поканам сите граѓани, да му дадат поддршка на својот спортски клуб, за да се оствари еден позитивен резултат кој што ќе претставува извонреден мотив понатака во разигрувањето во плеј-офот. Очекуваме РК Охрид да има добри резултати и во плеј-офот, а тоа сигурно го очекуваат и сите граѓани на Охрид. Затоа сите ги повикуваме на ракометниот натпревар против Пелистер во 19:00 часот.“ – изјави градоначалникот Јован Стојаноски.

Во плеј-офот, покрај Вардар и Металург, во борбата за титулата и за излез во Европа ќе се придодадат четирите првопласирани екипи од ВИП Суперлигата: Пелистер, Еурофарм Работник, Охрид и Пролет.

WebOhrid