Роберт Поповски на Конференција за медиуми на Југоисточна Европа
Mинистерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, денеска се обрати на отворањето на Петтата конференција за медиуми на Југоисточна Европа која денеска и утре (11-12 мај) се одржува во Струга, во организација на Канцеларијата на претставникот за слобода на медиумите на ОБСЕ, Арлем Дезир со поддршка на теренските операции на ОБСЕ во Југоисточна Европа.
Целта на Конференцијата, на која учествуваат меѓународни и локални експерти и членови на медиуми од Југоисточна Европа, е да се обезбеди платформа која преку отворањето на дискусии за низа прашања, како што се безбедноста на новинарите, условите за работа на новинарите и медиумските работници, зајакнувањето на јавните сервисни радиодифузери, медиумската саморегулација и почитувањето на професионалните стандарди и лажните вести, ќе создаде услови за подобрување на медиумскиот простор во регионот, вклучително и преку презентирање на најдобрите практики.
Во своето обраќање, министерот Поповски говорејќи за значењето на слободата на изразувањето, вклучувајќи ја тука како што рече и слободата на медиумите како четврта власт во демократските општества, ги означи како едни од универзалните човекови права, признати и заштитени со соодветни документи од највисоките меѓународни организации.
„Кога Република Македонија беше обележана како „заробена држава“ беше така квалификувана и заради крајно загрижувачките извештаи за состојбата со слободата на медиумите и на изразувањето во државата. Посебен акцент беше ставен на лошата ситуација, во која се наоѓаат медиумите во однос на нивната основна функција, слободно и без притисоци да ја информираат јавноста за сите релевантни прашања во општеството”, рече Поповски, и нагласи дека важен фактор за слободата на медиумите и изразувањето е овозможувањето на услови и средина во која ќе се практикува слободното информирање без притисоци.
Министерот Поповски потенцираше дека актуелната Влада, по крајот на политичката криза во Република Македонија демонстрираше силна политичка волја за спроведување на медиумските реформи на најтранспарентен начин, заложувајќи се за подобрување на условите за работење на медиумите во соработка со медиумските претставници.
„Во согласност со своите темелни принципи за транспарентност и инклузивност, најавивме и покажавме дека при донесувањето на законите и законските измени, целта на Владата е да се чуе гласот на медиумските професионалци, тие да бидат моторот на медиумските реформи, а ние подоцна да помагаме со механизми за нивна имплементација”, оцени Поповски.
Осврнувајќи се на предложените измени во медиумската легислатива, кои се во последната фаза од донесувањето во Собранието на Република Македонија, министерот Поповски ја повтори заложбата на Владата за целосна независност во медиумската сфера, преку професионализирање и департизирање на националниот сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Целта ни беше, што е можно повеќе да ја намалиме улогата на Владата и затоа покрај суштинските консултации со сите субјекти во медиумската сфера, во носењето на законските измени, побаравме поддршка и од опозицијата, за да создадеме целосно независен јавен сервис и да создадеме услови за целосна независност и ослободување од било какви можности за влијанија врз регулаторот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги”, порача Поповски.
Според него, по прашањето за јавниот радиодифузен сервис особено е значајно да дојде до израз и почитувањето на концептот на едно општество за сите, за да може, Македонската радиотелевизија (МРТВ), растоварена од политичкото или било кое друго влијание, да се издигне во вистински репрезент на културните и политичките различности.
Министерот Поповски во својот говор се осврна и на неодамна презентираните податоци по повод Светскиот ден за слободата на медиумите, според кои, статистички најризична професија во изминатата година била новинарската професија, која ги вклучува и сите останати медиумски работници. Тој оцени дека тие тажни факти опоменуваат дека не смее да има застој во борбата за заштита на новинарите и во борбата за создавање услови за нивно непречено извршување на професионалните обврски.
„Оттаму, за Владата што ја претставувам на оваа конференција, не постои никаква толеранција за никакви притисоци, закани, уцени врз новинарите и медиумските работници. Нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето“, нагласи Поповски.
Тој повтори дека Владата, отворено осудувајќи ги сите напади што се случија во изминатиот период кон новинарите и медиумските работници, инсистира на правна разрешница на сите случаи на закани и додаде дека принципот на нула толеранција се однесува и на неказнивоста во однос на насилниците врз слободата на медиумите и врз слободата на изразувањето на медиумските работници.
Истакнувајќи ја заложбата за силна поддршка за истражувачкото новинарство, министерот Поповски потсети на мерките и чекорите кои ги презеде актуелната влада за полесен пристап до информациите во сопственост на владините институции, во согласност со политиките на транспарентност и отчетност.
Поповски на медиумските работници им порача дека секогаш ќе ја имаат поддршката на Владата при преговорите и разговорите за подобрување на условите за работа, за нивно соодветно вреднување и подигање на професионалните стандарди.
„Суштината на медиумскиот бизнис лежи во информациите, т.е. испорачување на вистина преку објективно и целосно информирање на јавноста и сето тоа сторено со почитување на етичките правила. На тој начин, со само регулацијата се штитат и универзалните човекови права – слобода на изразување и право на информирање, и слободните и професионални медиуми”, рече Поповски надоврзувајќи се дека само регулацијата е концептот од кој ќе произлезе и алатката за борба против модерниот, глобален тренд – лажните вести.
„Градот Велес стана синоним на лажните вести, но јас денеска уште еднаш ве повикувам сите вас – да направиме да биде синоним на борбата против нив. Вистината е оружјето, а проверката на фактите алатка”, оцени министерот Поповски, кој истакна дека е застапник на организиран фронт за борба против лажните вести, следејќи го принципот дека секоја Влада заедно со новинарите, медиумите и граѓаните, треба да бидат на чело на тој фронт против лажните вести.
Претставникот на ОБСЕ, Дезир подвлече дека медиумите се општо добро, како воздух и вода, и служат на интересите на секој сектор на општеството, кога тоа е здраво, слободно и заштитено. Во своето уводно излагање, тој ја истакна силната потреба новинарите да дејствуваат заедно во духот на солидарноста и подвлече дека медиумите се најдобри кога новинарите можат да работат заедно, да ги изложуваат прашањата во општеството, како што е корупцијата, за да ги нагласат фактите и да ги објавуваат различни мислења за нив.