23/11/2024
Македонија

РСБСП: Бидете подготвени за возење на високи температури

Летото само што започна,  но температурите  веќе се издигнаа над 30°C. Во вакви услови возењето и патувањето стануваат се потешки и бараат многу повеќе внимание, концентрација и фокусираност. Високите летни температури влијаат на способноста на возачот, влијаат на техничката исправност на возилото, а секако влијаат и на условите на патот.

Со цел безбедно и сигурно патување, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување и со совети за возачите:

–  Високите температури негативно влијаат на способноста за управување на моторно возило и придонесуваат за појава на замор, дефокусираност и пад на концентрацијата кај возачите.  Согласно тоа, избегнувајте да патувате во период од денот кога температурите се највисоки односно патувајте во раните утрински или во раните вечерни ( доцни попладневни) часови.

–  Внимавајте на температурата  во возилот односно внимавајте на температурните разлики и правете постепена адаптација и аклиматизација при влегување или излегување од возилото.

–  Планирајте го вашето патување на време и  патувајте наспиени и одморени. Избегнувајте да патувате во часовите предвидени за спиење. Ниту еден кофеински или енергетски производ не може да го замени добриот сон пред тргнување на пат.

–  Консумирајте повеќе течности (особено вода) и правете минимум 15 минути пауза на секои два до три часа активно возење.

Високите температури влијаат и на условите на патот. Намалете ја брзината и држете безбедно растојание затоа што во услови на високи дневни температури поради намаленото триење на пневматиците и коловозната површина, сопирачкиот пат на возилото е подолг.

Високите температури исто така влијаат и на техничката исправност на возилото, а безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото. Технички неисправните  возила се извор на опасности во сообраќајот. Затоа, пред да тргнете  на  пат  задолжително  проверете ги:

–  Гумите- притисокот на воздухот и длабочината на шарата

–  Маслото на моторот

–  Системот за управување

–  Системот за сопирање

–  Светлата, течноста за ладење на моторот, итн..

РСБСП со апел: Возењето во летни услови носи многу предизвици. Обврска на возачите е да бидат максимално подготвени, одморени и концентрирани  за патување, да се прилагодат на условите на патот и да ја провераат техничката исправност на возилото. За твоја безбедност, и за безбедноста на твоите најмили, биди одговорен возач.  #ВОЗИОДГОВОРНО