23/11/2024
Македонија

РСБСП со апел: Биди одговорен учесник во сообраќајот!

Безбедноста на сообраќајот на патиштата претставува сериозен предизвик, односно сериозен проблем во сите современи општества. Според податоците на Светската здравствена организација:

•  Годишно во светот, во сообраќајни незгоди, животот го губат околу 1,3 милиони луѓе, што претставува 2,2% од глобалната смртност.

•  Од 20 до 50 милиони лица, годишно, се повредени во сообраќајни незгоди.

•  Секојдневно, околу 140.000 лица се повредени на патиштата ширум светот.

•  Над 3.500 лица умираат дневно, како последица од сообраќајни незгоди.

•  Околу 15.000 лица дневно, се здобиваат со траен инвалидитет исто така како последица од сообраќајни незгоди.

•  Годишно во светот, околу 400.000 млади лица, на возраст до 25 години, го губат животот во сообраќајни незгоди.

•  1100 млади лица, на возраст до 25 години, секој ден го губат животот во сообраќајни незгоди.

•  Сообраќајните незгоди претставуваат трета причина за смртност кај децата на возраст од 5 до 9 години, втора причина за смртност кај децата на возраст од 10 до 14 години и кај лицата на возраст од 20 до 24 години и прва причина за смртност кај децата на возраст од 15 до 19 години.

Секој загубен човечки живот, во сообраќајна незгода, претставува ненадоместлива загуба, не само за семејството, туку и за општеството. Да не дозволиме сообраќајот, од нужна потреба, да се претвори во нужно зло на современото живеење. За намалување на црната статистика, за помалку настрадани лица на патиштата, за повисока свест, за одговорни возачи, за сообраќај без жртви –  важно е однесувањето на секој учесник во сообраќајот.

Сите ние поединечно го сочинуваме сообраќајниот систем во кој на површина излегуваат голем број на неодговорни учесници. Затоа,  за безбеден сообраќај, за помалку жртви на патиштата,  потребно е да ги промениме навиките и културата во сообраќајот, почнувајки секој од себе.

РСБСП го повикува секој учесник во сообраќајот  да го даде својот личен придонес за сообраќај без жртви, а воедно апелира – биди  одговорен учесник во сообраќајот:

•  Намали ја брзината!

•  Не вози под дејство на алкохол!

•  Почитувај ја поставената сообраќајна сигнализација!

•  Почитувај ги сообраќајните правила и прописи!

•  Користи безбедносен појас и заштитен шлем!

•  Вози технички исправно возило!

•  Остави го мобилниот телефон кога возиш!

•  Почитувај ги пешаците, велосипедистите и лицата со ограничени можности!

•  Внимавај каде паркираш!

•  Користи детско седиште!

•  Не вози кога си изморен и деконцентриран!

•  Не поминувај ја улицата надвор од пешачкиот премин!