23/11/2024
Македонија

РСБСП со апел: Децата до трето одделение, тргнаа на училиште. Возачи, намалете ја брзината и внимавајте на децата во сообраќајот!

Наместо на 1 Септември, како секогаш, оваа календарска година, училишното ѕвонче  означи почеток на новата учебна година, денес,  на 1 Октомври.  Годинава ја одбележуваат нови предизвици, нови ризици и закани за безбедноста на децата, но и покрај тоа не смееме да заборавиме  на ризиците и опасностите кои ги демнат децата во сообраќајот.

И понатаму останува важно прашањето  како децата навремено и безбедно да пристигнат до училишниот двор?  Не смееме да го заборавиме и да го занемариме фактот дека сообраќајните незгоди се сериозна закана за животот и здравјето на децата.

 Со почетокот на учебната година, фрекфенцијата на возила и на пешаци во сообраќајот значително се зголемува. Согласно тоа, се зголемува и потребата за дополнителна доза внимателност од страна на сите учесници во сообраќајот, особено кога се движат во близина на училиште или на градинка.

Затоа РСБСП апелира до возачите: „Бидете внимателни, внимавајте на децата во сообраќајот и намалете ја брзината во близина на училишта и градинки. Внимавајте каде паркирате, затоа што неправилно паркираните возила ги прават децата не видливи во сообраќајот.  Не заборавајте дека безбедноста на децата во сообраќајот е одговорност на возрасните!

Покрај тоа, РСБСП со потсетување до родителите дека тие се огледало на кое децата секојдневно се огледуваат. Личниот пример  кој родителите им го даваат на децата во сообраќајот треба да биде безусловно и целосно почитување  на  правилата и прописите во сообраќајот и на тој начин всушност континуирано да ги наведуваат  децата да бидат безбедни и одговорни во сообраќајот!

 Статистичките податоци покажуваат дека децата многу често страдаат во сообраќајни незгоди како патници. Во таа насока, РСБСП потсетува на законската обврска според која, деца кои немаат полни 12 години, не смеат да се превезуваат на предното седиште, како и за обврската за користење сигурносен појас на сите седишта и детско седиште за деца на возраст до 5 години (дури и тогаш кога возењето трае кратко).  Сообраќајните незгоди се случуваат тогаш кога најмалку очекувате, затоа, многу е важно секогаш да бидете заштитени вие и вашите најмили.

Покрај наведеното, РСБСП потенцира дека децата кои немаат полни 10 години не е безбедно да се оставаат сами да одат на училиште. Доколку од одредени причини се одлучите да  го пуштете детето да оди само на училиште, потрудете се да биде барем  во група од две до три деца.  Во таква ситуација,  секој одговорен родител должен е на своето дете да му го покаже и да му го повтори најбезбедниот пат од училиште до дома, да му посочи на детето за потенцијалните ризици и закани во сообраќајот и да му ги објасни и повтори најважните правила и прописи во сообраќајот. 

РСБСП на сите ученици им посакува успешна учебна година и уште еднаш ги потсетува безбедно, внимателно и одговорно да учествуваат во сообраќајот. Чувајте ги децата од повреди и загуби во сообраќајот!